Денес во Скопје на Скопски саем по 5-ти пат се отвори „Меѓународната туристичка манифестација, „Скопје травел маркет 2015“ чиј домаќин е општина Охрид.
На површина од 3.500 метри квадратни, охридските штандови заземаат централно место на саемот на кој учествуваат преку 100 хотелско – угостителски компании, туристички агенции, тур оператори од Македонија, Црна Гора, Србија и Турција.
Воведно обраќање имаше градоначалникот Никола Бакрачески кој пред присутните објасни дека Охрид како град домаќин во соработка со кластерот ЕДЕН, Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот и Стопанската комора за туризам, ќе ги промовира пакет аранжманите за Рурална и староградска традиција од проектот „Истражија скриената традиција на Лихнид и белото езеро“, а наскоро ќе бидат изготвени уште 3 пакет аранжмани од спортско – рекреативниот и активен туризам.
-Целиот проект ќе биде финализиран со видео материјал кој ќе биде промовиран во земјава и во странство. Еден мој драг пријател често знае да каже дека на Охрид не му треба ништо друго освен добра промоција. Ние како локална самоуправа нашите заложби меѓу другите бројни активности за континуирано збогатување на содржините во туристичката понуда на Охрид, ги фокусираме на развој на туризмот како наша долгорочна стратегија бидејќи сме свесни дека Охрид му припаѓа на светот, рече Бакрачески.
По своето обраќање, градоначалникот на директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, Кристијан Џамбазоски му го врачи првиот промотивен ваучер за тура за рурална традиција. Веднаш потоа господинот Џамбазоски и официјално ја отвори манифестацијата.
На простор од 60 метри квадратни како што беше најавено, охридскиот штанд е претставен со карактеристична охридска, рурална и градска одаја, а застапени се и дел од старите занаети, традиционална охридска кујна како и интересен фото материјал „Охрид низ минатото“.
За време на одржувањето на саемот, градоначалникот Бакрачески имаше официјална средба со амбасадорот на Израел во Република Македонија, Дан Ориан како и со повеќе претставници од туристичкиот и бизнис сектор.
Интересно е што анимацијата на охридскиот штанд е со музичарите од групата „Билјана Јуниор“, а беа поставени и препознатливите охридски јадења, ѓомлезе и плашица.
OhridNews