Триесетина писатели од дванаесет држави учествуваат на 12-та Конференција на Македонскиот ПЕН-центар што синоќа беше отворена во Охрид.

Во поздравното обраќање пред учесниците претседателот на МАНУ, академик Георги Старделов, потсети на посебното место што го зазема Охрид во историјата на ПЕН-от, како место каде се одржани повеќе меѓународни конференции, како и два значајни светски конгреси на ПЕН, но и место каде се создадени темелите на словенската цивилизација.

Тема на овогодинешната Охридска ПЕН конференција е “Литературата како стока: естетиката на бестселерот“, која според претседателот на македонскиот ПЕН, Ристо Лазаров, ќе понуди интересна дебата за статусот на книгата во дигиталната ера и борбата за опстанок на книгата во светот кој е претворен во пазар.

– Веројатно сме на прагот на најголемиот предизивик во историјата на новата цивилизација – онаа дигиталната, во оптек да бидат што побргу пуштени дигитални книги и библиотеки, можеби тоа ќе доведе до пресврт во читаноста на книгите. Колку е тоа добро времето ќе покаже, многу технолошки новини се примале со резерви, после се покажале дека функционираат, рече Лазаров.

Работниот дел на Конференцијата започнува денеска со воведно излагање на македонскиот писател Венко Андоновски, кој ќе биде модератор на дебатата.

Ohridnews