Вечерва започнаа „Прличеви беседи“ 2008
Како што беше познато претходно, наградата за најдобра поема во 2007-ма ја доби Ефтим Клетников за делото „Гоја на пат за Алба“. Ова е трет пат како овој реномиран македонски поет ја добива престижната награда.
„Голема чест е да се добие вакво признание, бидејќи неколку пати имам речено дека Прличев е поет на иднината, не славиме 115 години од неговата смрт туку јас велам од неговиот живот. Тој е вечен“ – изјави кратко Клетников.
Предавање одржа д-р Стефан Влахов Мицов кој говореше на тема „Прличев во контекст на историјата и филозофијата на Балканските народи“. Беседа за Прличев одржа и Славе Ѓорѓо Димовски, по што на Ефтим Клетников му беше врачена наградата за најдобра поема.
Со полагање на ловоров венец и свежо цвеќе пред спомен бистата на Григор Прличев на 6-ти февруари, ќе продолжи овогодинешната манифестација во чест на големиот македонски поет, а пред гробот на Григор Прличев ќе биде одржана панихида и положено свежо цвеќе.
В четврток во рамките на Прличевите беседи премиерно ќе биде прикажан македонскиот филм „Превртено“ во режија на Игор Иванов, работен според романот „Папокот на светот“ од Венко Андоновски.