Охрид забрзано се подготвува за пречек на дваесетината шефови на држави кои ќе земат учество на Самитот на претседатели што ќе се одржи во мај. Се работи на санирање и дотерување на најфрекфентните улици во градот, осветлувањето, парковите…
охридските улици се дотеруваат за самитот на претседатели
Во следните две недели ќе се уредат повеќе улици во стариот град. На „Самоилова“, „Кузман Шапкарев“ и „Илинденска“, ќе се поправа и фугира калдрмата и камените плочи, се подигнуваат водоводните шахти на висина на коловозот, а се поставува и нова инсталација. Планирано е да се асфалтираат и закрпат улиците кои водат кон Плаошник, каде неколку дена пред самитот ќе запрат археолошките работи, за просторот да се расчисти за гостите, за кои ќе бидат уредени три нови мали паркинг простори.
Поради самитот работите на Плаошник времено ќе бидат запрени
До почетокот на самитот планирано е да се среди и просторот и сообраќајниците на влезот во Охрид. Исто така се дотеруваат и хотелите каде ќе бидат сместени претседателите на 18-те европски држави, кои беа реновирани за ланскиот самит на НАТО во Охрид. Нивни домаќин од 2-5 мај ќе биде претседателот на Македонија Бранко Црвенковски.
Нина Кепеска
Горан Момироски