Охридската спортска арена „Билјанини Извори“ за прв пат во Охрид на едно место ќе ги собере ракометните ѕвезди кои блескаат на македонското небо.

Во досегашната спортска историја Охрид во неколку наврати бил домаќин на Куп завршници во кошарка, но во ракомет никогаш.

Охрид домаќин на четирите најдобри екипи во Купот ќе биде во најквалитетната, најдобрата и најплодната сезона во македонскиот ракомет.

За прв пат Македонија има два преставници во Лигата на Шампиони, Металург и Вардар кои обезбедија пласман во најдобрите 16 екипи во Европа. Кога на нив ќе се додаде и Зомимак во ЕХФ Купот тогаш јасно станува зошто ракометот е спорт број еден кај нас.

Токму овие три екипи се на еден начин „сигурни“ патници во Куп завршницата во Охрид, но тоа треба да го потврдат на теренот. Но, никако не смеат да се отпишат Тинекс Пролет, Металург Јуниор и петкратниот освојувач на трофејот Пелистер.

Охрид на 17 и 18 мај, а и неколку денови претходно ќе живее за и со ракометот бидејќи охриѓани го сакаат овој спорт, а и на дело ќе покажат дека е така.

Мх.П.