На десет дена до Новата година сеуште не се знае кој ќе пее на градскиот плоштад во Охрид за најлудата ноќ. И покрај силните најави на локалната самоуправа дека и оваа година ќе биде ангажирана некоја од музичките ѕвезди, веројатно тоа нема да се случи и сосема е неизвесно кој ќе настапи во Охрид на 31 декември.


Калиопи прескапа за Охрид?

Едно е сигурно, нема ништо од најавите дека поп дивата Калиопи ќе биде ѕвездата која ќе ги забавува охриѓани и бројните гости  за Нова Година на градскиот плоштад. Неофицијално Калиопи побарала 15.000 евра за настап, пари кои општината  ги нема. Оттаму велат дека градот ќе ја одбележи Новата година достоинствено но скромно и дека се преговара со еминентни музички имиња. Се споменуваат  Кристина Арнаудова и Александра Пилева, но не е исклучено и друго решение, велат од организацискиот одбор. Веројатно и така ќе биде затоа што менаџерите на Арнаудова и Пилева не биле задоволни од понудата на Општина Охрид која настапила со аргумент дека пеењето во Охрид и во другите градови во Македонија не било исто и понудила помалку од цената на чинење, што било одбиено.


Општината понудила малку пари за Кристина и Александра?

Од одделението за односи со јавност не информираа дека имињата на пејачите кои ќе настапат во Охрид за Нова година ќе бидат познати денеска, но не е исклучена можноста тоа да бидат и „локални“ сили. Една од варијантите била да се ангажира познато дуо од Струга, како и неколку групи од Охрид, но додека локалната тактизира и размислува изборот сериозно се стеснува, затоа што  речиси и да нема музичар од градот кој веќе нема ангажман околу Нова година.

По се изгледа дека минатогодишниот спектакл кој на градскиот плоштад привлече околу 10.000 луѓе тешко ќе се повтори, освен ако локалната не го одврзе ќесето и во последен момент не се договори со некој од музичарите по пазарни цени. За дочекот на Нова година станало збор и на вчерашната средба на претставници на локалната самоуправа со угостителите на која и покрај апелот за помош се одзвале мал број сопственици на угостителски објекти.

Без соодветен буџет, соочена со недостаток на време и без многу избор, општината е исправена пред предизвик од кој зависи имиџот на Охрид. Минатогодишниот спектакл беше најдобра реклама за Охрид, но доколку се случи дебакл тоа со сигурност ќе биде антиреклама која веруваме никој не ја посакува и нема да се случи. На потег се одговорните.

Г. Момироски