Продолжениот празничен викенд на Охридското крајбрежје го означува шпицот на летната туристичка сезона. За деновите околу Илинденските празници Охрид традиционално е преполн со гости и туристи.
Приватните сместувачки капацитети за овој период околу празниците се редовно максимално искористени, се бара легло повеќе и тоа претежно во периферните делови од градот додека во оние капацитети во централното градско подрачје или на атрактивните локации долж крајбрежјето место нема.
Годинава, споредбено со лани има одреден број странски туристи, сепак тоа е многу помалку од пред пандемијата.За илустрација во 2019 година во Охрид беа остварени рекордни 1,5 милиони ноќевања.
Најбројни ова лето се туристите од Србија, Полска, Украина, во помал број од другите соседни земји. Има и гости од Холандија, но далеку помалку поради тоа што непредвидливоста на епидемијата и рестриктивните мерки ја усложнија процедурата за патување така што ова лето гостите од Бенелукс почнаа да пристигнуваат дури во втората половина на јули наместо од мај како што беше години наназад.Во најголем дел странски гости се на иселениците кои успеаја да дојдат на одмор во земјава
Оваа сезона плажите се повторно отворени и слободни, исчистени од урбана опрема, што пак ја усложнува ситуацијата со хигиената бидејќи не секогаш се успева да се собере отпадот и често имаме слика од формирани мали диви депонии во градот.
Оваа година и културно-забавната понуда за гостите е нешто побогата споредбено со минатата година. До 20 август трае фестивалот „Охридско лето“. За овој викенд најавени се настани и концерти од естрадни уметници од земјата и регионот за сите вкусови.
OhridNews