Неисправни клима уреди, производи од бела техника и моторцикли со лош квалитет и краток рок на употреба, ова се  производите на кои граѓаните најмногу реагираа во текот на изминатите два месеци во Советодавното биро на потрошувачи во Охрид. Во овој период во бирото се остварени вкупно 39 советувања.

Потрошувачите се жалеле на кима уреди со инвертери кои не функционираат исправно, фрижидери кои создаваат силна бучава и непријатно тропкање, миксери и други уреди за домаќинство кои по една употреба откажуваат со работа, а кои немаат упатство и гаранција на македонски јазик, туку на бугарски или на друг јазик. Дел од охридските продавачи се служеле со измама во врска со  времетраењето на гаранцијата. Граѓаните се жалеле и на моторциклите на кои не им се знае точниот овластен сервисер, како и неможноста со нив да се достигне брзина поголема од 30 километри на час.

„Ваквите производи упатуваат на сомнителност на нивниот квалитет и за нив потрошувачот  мора да знае дека не мора да пристапи  на согласност за сервис доколку смета дека производот го покажал својот недостаток уште при првата употреба“ вели Катерина Павловска од Советодавното биро во Охрид. Павловска објаснува дека  согласно членот 43 од Законот за заштита на потрошувачи, потрошувачот на кого му е продаден производ со недостаток има право по свој избор да бара бесплатно отстранување на недостатоците, замена на производот со нов или, раскинување на договорот и враќање на платениот износ.

Претставките кои пристигнуваат на адресата на Советодавното биро на потрошувачи, се проследуваат до пазарниот инспекторат кој е надлежен да интервенира во доменот на оставрувањето на правата на потрошувачите доколку се оштетени, измамени и изманипулирани од страна на трговците.

Ohridnews