На традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“, што се одржа вечерва во неговото родно Велгошти, во атарот на прекрасната црква Св. Петка, на Јована Матевска Атанасова и беше доделена наградата во вредност од 30.000 денари, за расказот „Пура во Осака“, кој беше избран за најдобар за 2021 година на конкурсот кој секоја година го распишува Општина Охрид во чест на големиот охридски и македонски писател.
Матевска Атанасова е романсиерка и рецензентка, по професија дипломиран психолог. Таа ја освои оваа престижна награда и минатата година.
Наградата ја врачи претседателката на Советот на Општина Охрид Живка Ангелоска, која се осврна на значењето на Живко Чинго за современата македонска литература и култура.
Волшебната Пасквелија и оваа година не собра на едно место, за да искажеме должна почит, на магот на пишаниот збор, најголемиот македонски раскажувач, еден од најголемите синови на Велгошти и Македонија, вечниот Живко Чинго. Чествувањето на великанот преку манифестацијата “Вечер на Живко Чинго“, ја покажува нашата сегашна определба, а воедно е и аманет за идните генерации, делото на големиот книжевник, засекогаш да биде запаметено во колективната меморија на Охрид и Македонија.Веќе неколку децении, Конкурсот за најдобар расказ, што го распишува Општина Охрид, е во врвот на македонските книжевни манифестации. Секоја година расте конкуренцијата и во бројот на пристигнати раскази и во литературниот израз, што покажува дека ликот и делото на Живко Чинго се слави на најсоодветен начин. истакна Ангелоска.
Во рамки на манифестацијата беше промовирано првото издание на антологиската книга за Чинго од авторите проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.
Во ова капитално дело поместени се бројни прилози на еминентни имиња на домашни и странски литературни критичари, низ кои читателот на едно место може да се запознае со величината на делото на Живко Чинго. За значењето на книгата говореше проф.д-р Виолета Ачкоска, а свое обраќање имаа и авторите.
Примероци од книгата им беа врачени на културните институции во градот, библиотеката и општинските училишта.
Делегации на Локалната самоуправа, Месната заедница – Велгошти, претставници на семејната лоза на Живко Чинго, ОУ Живко Чинго – Велгошти и останатите улчилишта во градот, политички партии, здруженија и граѓани положија цвеќе пред споменикот на Живко Чинго, а манифестацијата беше збогатена со пригодна културно – уметничка програма.
Г.М./К.А.