Во рамки на одбележувањето на 24-ти мај, Денот на сесловенските просветители, претпладнево пред споменикот на Кирил и Методиј на Охридскиот кеј се одржа пригодна свеченост на која беа доделени награди на охридските ученици, кои оствариле високи резултати на државни и регионални натпревари.

Како една нова генерација, која се соочува со бројни актуелни промени и идентитетски предизвици, од особена важност е да го чуваме и славиме делото на Свети Кирил и Методиј и да ја почитуваме нивната света мисија. Тие ни покажаа дека образованието и културниот развој се основата на секое општество и дека преку знаењето и мудроста можеме да изградиме подобра иднина за сите нас. Нека Светите браќа продолжат да бидат наша инспирација во сите понатамошни чекори на патот кон подобра иднина.

Според она што можеме да го видиме овде, денес, помеѓу овие млади и успешни ученици, убеден сум дека нашата иднина ќе биде светла и дека делото на светите браќа ќе продолжи да живее не само овде покрај Охридското Езеро, туку и насекаде во Македонија.

Упатувам срдечни честитки до сите наградени ученици, кои со својата посветеност постигнале извонредни резултати. Вие сте доказ дека преку вложен труд, секој сон може да стане реалност. Вашите успеси се гордост за сите нас и пример за вашите врсници. Ви посакувам да продолжите да бидете истрајни и посветени и во понатамошното образование, истакна градоначалникот Пецаков.

На настанот, беа доделени околу 300 признанија на ученици од сите основни и средни училишта од Општина Охрид.

Претходно делегација на Општина Охрид, предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, положи свежо цвеќе на нивното спомен обележје на Охридскиот кеј.

Свежо цвеќе положија претставници на амбасади и конзуларни претставништва во Македонија, пратеници, претставници на охридските основни и средни училишта, претставници на културни институции, здруженија на граѓани и претставници на политички партии.

Во рамки на чествувањата по повод празникот, денеска во ЦК „Кирил и Методиј“ во населба Кошишта се одржа панихида, по што имаше фолклорен концерт.

OhridNews
Фото: Општина Охрид