Со изложба на ликовни дела од Колекцијата при НУ Центар за култура „Григор Прличев“ што ќе биде отворена во изложбениот салон на центарот за култура во 18:30 ч., денеска започнува културната манифестација Прличеви беседи со која ќе биде одбележана 115 годишнината од смртта на Григор Прличев.

Централната свеченост  ќе се одржи вечерва исто така во Центарот за култура во 19 ч. Предавање за „Прличев во контекст на историјата и филозофијата на Балканските народи“ќе одржи д-р Стефан Влахов Мицов: „Прличев во контекст на историјата и филозофијата на Балканските народи“, а за 115-годишнината од смртта на големиот поет и преродбеник ќе говори охридскиот писател Славе Ѓорѓо Димовски. На свеченоста на Ефтим Клетников ќе му биде врачена  наградата за најдобра поема за 2007-ма година „Гоја на пат за Алба“.

Григор Прличев е еден од најпознатите македонски писатели од 19 век. Роден е на 30 јануари 1830 година во Охрид, каде и починал на 6-ти февруари 1893 година.

На 25 март 1860 година, Григор С. Прличев со својата поемата „Сердарот“, ја однесе првата награда за најдобра поема на традиционалниот книжевен конкурс што се одржа во Атина и беше наречен „Втор Хомер“. Во поемата се раскажува за смртта на македонскиот херој Кузман кој ги заштитува селаните од бандите на Гегите. Наградата не останува долго во негови раце, затоа што одбива да се изјасни како Грк.

Освен Сердарот, Прличев има напишано и „Автобиографија“ која претставува битен историски документ за состојбата во Македонија под Отоманската империја во 19 век. Во својата автобиографија, Прличев се нарекува Бугарин.Тој се сметал за бугарин, бидејќи во тоа време македонската нација не постоела – Македонија била под турско ропство. Прличев  тогаш бил во Бугарија и морал да се кажува како бугарин, но бил македонски патриот и еден од најзначајните македонски преродбеници.

ohridnews