Во рамки на одбележувањето на патрониот празник на Охрид, Св. Климент Охридски – Чудотворец, членовите на ЛК „Лихнидос“ синоќа поставија нова пригодна спомен – плоча пред камбанаријата на црквата Св. Богородица Перивлепта, посветена на Михајло Пупин.
Пред точно сто години, големиот научник и пронаоѓач од светски глас, Михајло Идворски Пупин, донирал средства за изградба на оваа камбанарија, како и за лиење и поставување на големото ѕвоно, во тоа време најголемо на Балканскиот полуостров. Пупин многупати покажал голема почит кон Охрид и Македонија, бидејќи неговата мајка потекнувала од овие краишта. Тој издвојувал огромни финансиски средства за повеќе намени, меѓу кои и за изградба на работничкото училиште (во кое денес се наоѓа охридскиот Завод и Музеј), длаборезачкото и музичкото училиште, за реновирање на охридската гимназија, но редовно донирал и за образование на талентирани, но сиромашни деца од Охрид.” – изјави Петар Спасески, претседател на ЛК Лихнидос Охрид.
На самото ѕвоно стои излиен натпис: „Дар од Михајло Пупин, во лето Господово 1923, нека ѕвони вечно во слава на Свети Климент Охридски“.
Во знак на почит, околу спомен плочата запаливме 100 свеќи, како симболично потсетување на овој редок јубилеј. Пупин заслужува многу повеќе, споменик, биста, или макар некоја улица, училиште или културна установа во Охрид да го носи неговото име. Без сомнение, станува збор за најголемиот донатор во поновата историја на нашиот град.” – потенцираат од ЛК „Лихнидос“ Охрид.
OhridNews