На 10-ти Јули (сабота) во 21:00 часот, во предворјето на Света Софија ќе биде одржана пригодна свеченост по повод јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески.
Настанот е организиран од четирите Лајонс клубови, Културолошка иницијатива ‘5 до 12’ и Ротари клубот Охрид, а поводот е дванаесеттиот роденден на ЛК Лихнидос.
Покрај редовните хуманитарни и еколошки активности, наша интенција е постојано да оддаваме почит кон најголемите домашни и светски имиња на културата и уметноста. А поголема и позначајна личност од Блаже Конески, во поновата Македонска историја, едноставно не постои. – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на акцијата.
Настанот ќе биде зачинет со љубовна поезија, акустична музика, чаша вино и со гласовите на градскиот хор „Vox Lychnidos“. Притоа, ќе биде прикажан и краток документарен филм под наслов “Поет од мал народ”, во режија на охриѓанецот Антонио Вељаноски, кој живее и работи во Прага.
OhridNews