Членовите на Лајонс клубот „Лихнидос“, во соработка со хумани граѓани и компании од Охрид, деновиве презедоа повеќе активности за набавка на најнеопходните материјали за заштита и нивна дистрибуција до медицинскиот персонал и вработени во други дејности кои се на првата борбена линија од фронтот против невидливиот непријател, коронавирусот Ковид 19, како и други донации неопходни за социјално загрозените категории граѓани

Обезбедивме 200 пакети прехранбени продукти за граѓаните од најранливите категории. Нивната дистрибуција ќе оди преку Црвениот крст. Од Прилеп нарачавме 3.000 медицински маски, како и и 200 комплети медицинска облека (заштитни капи, штитници за стапала, заштитни одела) кои ќе бидат донирани во одделот за Хирургија при Општа болница Охрид. Заштитни визири, ракавици и маски, обезбедени од пријатели, добија неколку лекари, аптеки и маркети. Ангажиравме локални шивачки за изработка на памучни маски, кои секој ден ќе ги донираме на вработените во маркетите, аптеките, на таксистите, пекарите. Следната тура ќе биде за полицијата и за Комуналец. – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, член на клубот.

Tунтев изрази огромна благодарност до сите помагатели и ги повика охриѓани да покажат поголема проактивност.

Седете дома, но размислувајте позитивно. Секој што има добра идеја, секој што сака да помогне, го повикувам да се јави. Светот што го познававме веќе не постои и никако не можеме да го спасиме, но можеме да покажеме добра воља и да пренесеме барем малку позитивна енергија, особено на оние луѓе кои се грижат за нашата сигурност, добробит и здравје. – порачува Тунтев.

OhridNews