Општина Охрид во 2010 година ќе има развоен буџет, кој доколку се остварат најавите за влез на општината во втора фаза од децентралзиација, ќе изнесува 16 милиони евра. Oва беше истакнато на јавната расправа за фискалната стратегија и развојните програми на локалната самоуправа во 2010 година, што се одржа синоќа.

Оптимизмот за зголемување на буџетот во идната година, локалната самоуправа го темели и врз најавите на централната власт да им дозволи користење позајмици и банкарски кредити и на општините кои имаат наследени долгови.

– Оваа можност ќе биде поволност за општина Охрид бидејки ќе овозможи до половината на 2010 година да се отплатат заостанатите долгови во износ од околу 5 милиони евра од вкупно наследените 15 милиони евра, информираат од локалната самоуправа.

Инаку предлог-Буџетот на општината за 2010 година е проектиран на околу 9 милиони евра и според локалната самоуправа е поголем за 15-тина отсто во однос на претходниот, кој е речиси реализиран.

На завршната јавна расправа по нацрт-фискалната стратегија и нацрт развојните програми на општина Охрид за 2010 година присуствуваа претставници на Месни заедници, невладини организации, асоцијации, бизнисмени и граѓани, кои ги изложија нивните видувања, барања и предлози. Најголем дел од нив се однесуваат на инфраструктурата и развој на туризмот. Во тој контекст од општината беше побарано да ги зголеми средствата за промоција на туризмот од 20 на 30 милиони денари, како и да обезбеди средства за формирање професионален градски театар, да се отворат јавни тоаелети и да се реконструираат и подобрат локалните патишта и депонијата во Буково.

Утврдената фискална стратегија во која според најавите ќе бидат вметнати дел од предлозите изнесени на завршната јавна расправа, ќе се најде пред членовите на Советот на општината на наредната седница што ќе се одржи кон крајот на овој месец.

Ohridnews