Стотици важни и помалку важни настани се случија во 2007 година во Охрид. Дел од нив оставија силен белег. Охрид во 2007 година беше домаќин на бројни меѓународни настани, а меѓу најважните треба да се споменат НАТО Форумот и Светската конференција за дијалог меѓу цивилизациите. Во годината што изминува во Охрид беа одбележани и повеќе јубилеи: Меѓународниот семинар за македонски јзик, литература и култура одбележа 4 децении од постоењето, а во јули на свеченост во катедралната црква Света Софија Македонската православна црква одбележа 40 години од возобновувањето на автокефалноста.
Радост и тага ни донесе 2007 година. Се радувавме на успесите на охридските спортски екипи, иако беа ретки, на победите на нашите национални тимови како што беше победата на фудбалерите над Хрватска, петтото место на детската Евровизија. Тагата за жал беше посилна од сите пријатни мигови во 2007 година, кога на 16 октомври го загубивме македонскиот музички гениј и голем хуманист Тоше Проески. Загина во тешка сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Хрватска. Нацијата и Балканот беа во шок кој сеуште се чувствува, а за загубата на големиот пејач информираа речиси сите светски медиуми. Македонија достојно се прости од Тоше кој почива во родното Крушево. Во својата кратка но исклучително богата музичка кариера Тоше зад себе остави голем број хитови кои ќе сведочат за еден извонреден музички талент. Допре до ѕвездите со својот глас, но и со своите дела и начинот на кој живееше.
Европско првенство во ракомет ќе се одржи идната година во Македонија. Дел од натпреварите ќе се играат во Охрид каде како увертира во големиот спортски настан во 2007-ма се оджа Светското првенство во ракомет за јуниори. Македонската млада ракометна репрезентација бодрена од френетичната охридска публика успеа да се пласира во втората фаза од натпреварите што објективно беше и краен дострел на нашите надежи.
Ќе! Идното неопределено време и во 2007 година беше омилена форма на изразување на нашите политичари. Силно најавуваните проекти како што се изградбата на колекторскиот систем Метропол-Пештани, канализационата мрежа во Лескоец и Велгошти, улицата „Железничка“, автобуската станица, пазарот, катните гаражи, ски центарот на Галичица, жичарницата во Варош… не се реализираа во 2007 година, но затоа локалните авторитети не пропуштија да најават дека овие проекти, но и многу други ЌЕ се реализирале во 2008 година. Ќе видиме!
Најпосле во 2007 година имавме успешна туристичка сезона. Како во старите добри времиња голем беше бројот на странските туристи, а најмногу ги имаше од соседна Србија. Добрата организација на Новата година лани, летото ни донесе илјадници туристи од север. Охрид се продаваше како топ дестинација во Србија. Задоволни беа и приватните станоиздавачи и хотелиерите, но иако и едните и другите беа до „врв“ полни, општинската каса остана попразна за најмалку 10 милиони денари од туристичка такса. И додека инспекциските служби алармираа на неплаќањето и поднесуваа прекршочни пријави , градоначалникот Петрески им се извини на неплаќачите на туристичка такса чии имиња беа јавно соопштени.
Аеродромот во Охрид годинава беше прекрстен во Свети Апостол Павле. Но, и тоа не помогна да се зголеми авиосообраќајот на ова воздушно пристаниште. Владата донесе и серија други мерки, ги намали аеродромските такси и друго, но и покрај тоа не беше постигнат посакуваниот ефект. Охридскиот аеродром и натаму е многу малку искористен, особено во функција на туризмот.
Најубаво украсен град на Блканот за дочекот на 2007 година беше прогласен Охрид. И годинава Охрид го задржа приматот на најубаво украсен град во Македонија во изборот на Тв А1 и весникот „Шпиц“. Наградата на мала свеченост што се одржа на градскиот плоштад на градоначалникот на Охрид му ја врачи главниот и одговорен уредник на „Шпиц“, Бранко Героски.
Ohridnews во 2007 година го прослави првиот роденден. Во годината во која ги направи првите чекори Ohridnews се избори за свое место во медиумскиот простор. Објави над 3000 информации, вести и фотографии и беше хроничар на сите значајни локални актуелности. Стана прв локален медиум чии вести го обиколуваат светот 24 часа на ден.
Вредно културно наследство беше откриено на археолошкиот локалитет Плаошник во 2007 година. Во текот на истражувањата беа пронајдени многу вредни артефакти, монети и други предмети, а меѓу најзначајните откритија беше малата статуетка на Дедал, татко на митскиот летач Икар. Покрај ова во годината што измина започнаа и ископувањата на римската тврдина кај Градиште и подготовките за реконструкција на наколната населба во Заливот на коските. На Сараиште беше откриено подводно депо на оружје, а меѓу стотината извадени пушки од водите на Охридското Езеро беше и еден редок примерок на пушка „Далјанка“ долга 2,4 метри.
Акционерите на Охридска банка се согласија да го продадат управувачкиот пакет акции на француската банкарска групација Сосијете Женерал. Французите при преземањето на Охридска банка најавија подобрување на квалитетот на услугите на банката. Седиштето на банката останува во Охрид, а амбициите на менаџерскиот тим се Охридска да стане национална банка.
Галичица ја зафати голем шумски пожар кој беснееше со денови. Предизвикана е огромна штета, а намногу настрада нискостеблеста шума и пасишта. Во гасењето на пожарот учествуваа пожарникари, локално население и армиски хеликоптери, но дождот беше тој ја стивна огнената стихија на Галичица. Се проценува дека за обнова на опожарените делови ќе бидат потребни 40 години.
Охридско лето го имаше 47-то издание. Публиката проследи 36 музички и 14 драмски претстави, од кои 4 македонски премиери. Ќе се паметат спектакуларниот настап на киевскиот балет со претставата „Спартак“, извонредната џез ѕвезда Барбара Хендрикс, Пепе Ромеро, кларинетистката од израел Шерон Кам, европската хит претстава „Тесла Електроник“ и други.
Дивоградби и новоградби. Чиј број е поголем помалку битно. И едните и другите се во експанзија. И додека инспекциските служби се обидуваат да ја пресметаат точната бројка на дивоградби, автентичноста на Охрид сериозно ја нарушуваат новите градби. Секоја слободна зона во градот е претворена во градилиште, а во отсуство на соодветна стратегија, а пред се визија, се уништува препознатливата охридска архитектура. На ваквите состојби директно кумуваат локалната и централната власт. Најдрастичен пример е ДУП за УЕ 17 кај спортскиот центар каде покрај хотелски комплекс советниците дадоа зелено светло за изградба на пет висококатници во непосредна близина на стадионот.
Идејата во Охрид да се одржи меѓународен саем за туризам конечно ќе се реализира. Според најавите од 16 до 19 јануари во Охрид ќе се одржи Првиот меѓународен саем за туризам во чии рамки ќе се одржи бизнис туристички форум. На саемот се очекува учество да земат повеќе од 100 туристички агенции, туроператори и хотелиери.
Нуркачите од Клубот за подводни активности од Охрид и Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид традиционално по четврти пат ја накитија новогодишната елка. Елката е поставена во изворите на Црн Дрим кај Свети Наум и може да се види при прошетка со кајче по изворите. Нуркачите од клубовите за подводни активности на овој начин им ја честитаат Новата година на охриѓани и бројните туристи.
Афирмација во светот Охрид доживеа и со ново востановената награда за хуманизам. Прв добитник на светското признание за хуманизам е големиот јапонски писател и хуманист Даисаку Икеда. Иако беше ветено дека во поткровјето на Гимназијата во Охрид ќе биде отворен Светски центар за хуманизам каде ќе се доделува наградата за хуманизам, овој проект не беше реализиран до крај.
Горан Момироски