Од 17 до 19 септември 2021 година ќе се одржи третото издание на Охрид Ултра-Треил во планинско ултра-трчање. Во рамките на настанот предвидени се 4 трки со дистанци од 100км, 60км, 40км и 21км, а учество ќе земат 450 натпреварувачи oд 20 земји и ќе има вклучено преку 60 волонтери во самата организација.

Трката која е носител на настанот – Охрид Ултра-Треил е долга 100 км со 4,800 метри искачување и учесниците ја започнуваат својата авантура на полноќ врвејќи низ сокаците со калдрма во стариот дел од Охрид, минувајќи низ неколку села во пониските делови на планината Галичица кон живописниот манастирски комплекс Св. Наум на јужната страна на брегот од Охридското Езеро. Овие тркачи e oчекувано да поминат меѓу 12 и 26 часа, меѓу фаворитите и последниот тркач – за успешно комплетирање на патеката, велат организаторите.

На изворите на реката Црн Дрим им се придружуваат учесниците на втората планинска трка „Галичица Ултра“- на едно патешествие од 60 км со 3,200 метри искачување. Заедничката маршрута го следи главното било во срцето на планината и Националниот Парк Галичица и преку козји патеки и макадамски патишта открива пејсажи кон двете езера Преспанското и Охридското – кои обземаат истовремено.

Третата трка „Самотска Треил“ од 40км и 2,000 метри искачување започнува од селото Пештани и преку селото Елшани се приклучува на главниот срт на планината Галичица низ заедничка маршрута со учесниците на двете подолги трки. Последната и најмала трка „Летница Треил“ – стартува од селото Велгошти и нуди панорамски погледи на градот Охрид и Охридското Езеро и ги предизикува учесниците на брза трка од 22 км со 1100 метри искачување. Тие, се соединуваат со останатите планински тркачи и заедно сите финишираат во Охрид на платото пред хотелот Палас на кејот Македонија, додаваат организаторите.

Организаторите велат дека целта на настанот, покрај можноста за секоја особа – а ќе има и професионални атлети и аматери како натпреварувачи, е да ги испроба своите граници и да ги запознае убавините кои ги нуди Галичица и охридскиот крај, како дијамант на природната средина во нашата земја.

Охрид Ултра-Треил е меѓународен спортски настан во природа кој се одржува еднаш годишно во Националниот Парк Галичица и Преспанско-Охридскиот регион, Македонија.

OhridNews