Ракометарите на Охрид обезбедија пласман на Ф4 турнирот од Купот на Македонија. Вечерва во салата “Билјанини извори” во финалето од групата 4, ГРК Охрид го совлада ГРК Тиквеш 34:25, полувреме 15:14.
Првото полувреме мина во израмнета игра. Тиквеш подобро отвори и имаше предност во голем дел од првиот дел. Охрид играше стрпливо, Чаневски и Ѓорѓески на голот добро функционираа, разликата почна да се топи и Охрид успеа да го преземе водството кое не го испушти до крајот.
Во вториот дел „гладијаторите“ уфрлија во брзина повеќе. Тиквеш не можеше да следи ритамот на домаќинот кој заслужено славеше убедлива победа 34:25.
Најефикасен во редовите на Охрид беа Орјоникидзе со 8 гола, Цирар постигна 5, а Кукуловски 4.
Во првото полувреме како да ни беа тешки нозете, бидејќи не е лесно да играте два натпревари во еден ден. Но, во второто полувреме имавме добро издание и заслужено се пласиравме на Ф4 турнирот. Нема да биде лесно во завршницата од Купот, но ние нема да се предадеме, имаме добар тим кој може да се носи со секој од противниците, а зошто и да не одиме и чекор понапред и ако ни се укаже можност да ја нападнеме и Куп титулата, изјави за Охридњуз Кукуловски.
Статистика ГРК Охрид: Чаневски 9 одбрани, Ѓорѓески 4 одбрани, Ојлески 2, Јукиќ 3, Костов 1, Тасески 1, Шафранко 2, Јотиќ 4, Кукоски, Крстевски, Пешиќ 1, Кукуловски 4, Орјоникидзе 8, Бојаниќ 1, Винисиус 2, Цирар 5.
По куп натпреварите Охрид им се враќа на обврските во првенството каде следен противник на „гладијаторите“ ќе биде Бутел. Натпреварот ќе се одигра во петок во салата „Биулјанини извори“.
Г.М.
Фото: А. Момироска