Охридскиот ракометен клуб забележа нов триумф во подготвителните натпревари совладувајќи ја екипата на Тиквеш со 33-21 (17-14).

„Гладијаторите“ до третатата победа во петтиот натпревар вклучувајќи ги мечевите од турнирот во Струга стигнаа со маестрална игра во вториот дел во кој постигнаа 16 погодоци, а примија само седум голови.

Охриѓани и во првиот дел играа добро и се одлепија на плус четири (9-5), но со мал пад во играта дозволија Тиквеш да намали на минус еден (12-11) и резултатски да се врати во игра. До истекот на триесетата минута, Охрид ја „стегна“ играта и обезбеди предност од три погодоци (17-14).

Избраниците на Раде Стојановиќ во вториот дел беа непогрешливи. Одбраната не дозволуваше погодоци, а нападот казнуваше од полу контри и контри. Разликата на семафорот растеше и застана на 12 погодоци (33-21).

Најпрецизен со седум погодоци во редовите на Охрид беше Филип Кривокапиќ, шест реализираше Денис Тот, а по три пати мрежата ја погодија Наум Костов, Мартин Манасков, Мартина Ивановски и Николче Ристески.

Охрид во рамките од подготвителните мечеви во вторник ќе се сретне со РК Аеродром, в среда силите ќе ги одмери со Еурофарм Пелисте 2, а в сабота ќе се судри со победникот на струшкиот турнир, Еурофарм Пелистер.

Мх.П.