Охрид во наредните четири дена ќе биде вистински центар на забавата со понуда за сечиј музички вкус. Охриѓани и туристите ќе може да уживаат во настапите на неколку познати светски диџеи, концертите на неколку балкански естрадни ѕвезди и голем број живи свирки на отворено.
Забавата стартува вечерва со концерт на групата „Нокаут“ на плажата „Kadmo Beach & club“ кој започнува во 22 часот.
Утревечер во рамки на шестиот „Green Beach Festival“ на плажата „Парк“ во Охрид ќе настапи светски познатиот диџеј и продуцент, Фед Ле Гранд (Fedde Le Grand).
На 1-ви август на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид концерт ќе одржи големата балканска музичка ѕвезда Здравко Чолиќ.
Истата вечер на плажата „Парк“ за забавата ќе се погрижи Кирил Џајковски и ТК Вондер, а на плажата „Немо“ во рамки на „Orange festival“ ќе настапи германскиот диџеј и продуцент Том Нови.
На понудата за саботната забава на 1-ви август е и настапот на њујоршкиот диџеј и продуцент Џејсон Фалзоне на Плажата „Оревче“ кај „Градиште“.
Во рамки на програмата на Охридско лето на Античкиот тетар во Охрид, на 1-ви август свој концертен настап ќе има „Танго компас“: составено од Стефан Миленковиќ и Марко Хатлак на виолина, Марко Чрнчец на пијано, Лука Херман Гајзер на контрабас и Ана Бежјак како гостин вокалист.
Во недела на 2-ри август на празникот Илинден, во рамки на „Orange festival“ ќе настапи светски познатиот британски состав „Рудиментал“. Забавата за која е најавено дека ќе трае повеќе од шест часа, ќе се одржи на плажата „Немо“ со почеток во 22 часот.
Љубителите на староградската музика ќе може да бидат дел од забавите на плажата „Потпеш“ каде од вечерва до понеделник ќе настапуваат тамбурашите „Трио Гранде“.
Во рамки на програмата на Охридско лето на 3-ти август во понеделник во Предворејето на Света Софија ќе има концерт на „Амира Трио“ кое е составено од Амира Медуњанин од Босна и Херцеговина и Анте Гело и Звонимир Шестак од Хрватска.
OhridNews