Повеќе од 90 слависти и македонисти од 22 земји во светот учествуваат  на 41-от  Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура кој денеска свечено беше отворен  во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид.


На семинарот на највисоко рамниште се разгледуваат сите клучни сегменти од македонистиката, а меѓу учесниците  се присутни светски познати слависти како академиците Влоѓимјеж Пјанка и Иван Доровски, професорите Волф Ошлис, Маќеј Кавка, Ирена Ставови-Кавка, преведувачката Олга Пањкина од Москва и други.


На отворањето на семинарот беше промовирана збирката на македонистички трудови на починатиот академик Франтишек Вацлав Мареш. Научното дело на Мареш  е од извонредно значење за славистиката, а тој зад себе остави и други трудови кои се недовршени истакна промоторот, полскиот професор во пензија Влоѓимјеж Пјанка.


проф. д-р Влоѓимјеж Планка

Во рамки на семинарот  по 35 пат ќе се одржи и Научна конференција за македонскиот јазик. На конференцијата  досега учествувале 1200 слависти од 55 држави во светот, истакна директорот на семининарот, Емилија Црвенковска. Според неа Семинарот во Охрид  ужива голем углед во светот, и затоа смета таа,тој треба да има поголема подршка од државните институции.


Покрај предавањата на истакнати македонски академици и лекторски вежби во рамки на Семинарот за македонски јазик литература и култура кој трае до 28 август, ќе се одржи традиционалната  преведувачка работилница.

Г. Момироски