Охрид треба да гради бренд хотели и да развива сафари и други видови туризам. Ова меѓу другото се предвидува во Нацрт просторниот план за Охридско – преспанскиот регион 2005-2020 година, кој влезе во јавна расправа.
Овој план треба да ги утврди приоритетите на идниот развој на општината, а за прв пат во него туризмот не се третира како стопанска гранка туку како област што треба да овозможи реален развој на Охрид како туристички центар, вели професор доктор Науме Мариноски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.
Иако параметрите покажуваат дека искористеноста на угостителските капацитети во Охрид е мала (околу 11%) експертите сметаат дека треба да се градат бренд хотели. Тоа во никој случај нема негативно да влијае, вели Мариноски. „Зголемувањето на хотелските капацитети со брендови не е во спротивност со неискористеноста на капацитетите. Напротив, градењето на брендови треба да ја подобри понудата на угостителските капацитети и ќе овозможи подобрување на квалитетот на услугите, бидејќи неспоредлив е квалитетот на хотелски бренд со 5 ѕвездички со понудата на послабо рангираните хотели или пак со приватното сместување“ , вели Мариноски.
Со Нацрт просторниот план се предвидуваат активности во наредните 20 години, но дали Охрид ќе постане светска туристичка дестинација е релативно прашање, додава професорот Мариноски. „Ние со оглед на капацитетите што ги имаме би требало да бидеме познати во светот, меѓутоа, просторниот план што го предложивме треба да се спроведува и ако тоа го направиме ќе дојдеме до различни видови туризам кои ќе ги развиваме што ќе резултира со поголеми ефекти, односно посетеност“, додава Мариноски.
Нацрт Просторниот план за Охридско-преспанскиот регион треба да биде завршен до крајот на годинава, а се очекува Собранието да го усвои наредната година.
Горан Момироски