Рекордни 2200 натпреварувачи од 31 земја ќе земат учество на 8. издание на спортската манифестација „Охрид трчаТ“, што ќе се одржи денеска низ улиците на Охрид.
Новина оваа година е што трката на 21 километар ќе се трча само еден круг, додека трката на 5 километри останува немпроменета.
Главниот настан почнува во 07:45 часот. Стартот на трката на 21 километар е во 08:15 часот, додека трката на 5 км стартува во 9 часот. Предвидена е и богата забавна програма за учесниците со диџеи, фан зони и зони за освежување.
На полумаратонот учесниците ќе се движат по булеварот „Македонски Просветители“, „Димитар Влахов“, бул. „Туристичка“ кој ќе се трча по цела должина, „Горна Порта“, „Илинденска“, „Коста Абраш“, покрај езерото кон хотел „Инекс Олгица“ и повторно се враќаат назад кон целта.
Меѓу натпреварувачитее е и Дарио Ивановски, кому ова му е последна трка во Македонија пред настапот на Европското првенство во Рим и Олимписките игри во Париз.
За безбедноста и сигурноста на учесниците ќе се грижат бројни волонтери и припадници на охридската полиција.
Гостин на спортската манифестација ќе биде претседателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова. Ова беше истакнато на прес конференција на која беа соопштени деталите за годинешното издание на „Охрид трчаТ“.
Г.М.
Фото: Архива Охридњуз