Традиционалниот Охридски бисер, големиот избор на сребрен и златен накит, сваровски кристали и различните видови на брендирана и небрендирана бижутерија, кои може да се најдат во Охридската чаршија, во последниот период се повеќе го привлекуваат вниманието на туристите, кои најчесто избираат да купат накит како сувенир или подарок од Охрид.
Во Охридската чаршија и во стариот дел на градот во моментов има околу 40 специјализирани продавници за накит, со што Охрид станува едно од ретките места во Македонија каде што на еден мал простор има голема понуда на накит. Ова е една од главните причини поради која од ден во ден се зголемува и бројот на купувачи кои специјално доаѓаат во Охрид за да купат накит.
Најчесто се купува за свадби и подароци
-Имавме гости од Австралија кои ова лето ќе прват свадба, па сакаа да купат накит и бисери. Специјално дојдовме во Охрид бидејќи тука навистина има голем избор, а нашите гости купија неколку комплети од оргинален охридски бисер како и златен накит од квалитетно увозно производство. Навистина се изненадив од големата понуда но и од пристапните цени, вели Милица Ф. (55) од Гостивар.
Туристите од соседните замји велат дека големата понуда на накит, веќе е своевиден белег на Охрид кој има потенцијал да прерасне во шопинг дестинација за накит во регионот.
-Има голема понуда на најразличен накит, а во споредба со цените во Србија, тука е многу поевтино, а има и многу работи кои кај нас не можат да се најдат како што се охридските бисери кои се уникатен производ, вели Весна Јовановиќ од Србија.
Дел од трговците со накит потврдуваат дека освен странците, во последно време имаат и голем број купувачи од соседните градови.
-Најчесто имаме купувачи од Струга, Ресен, Битола, но и од Тетово и Гостивар, од каде најчесто доаѓаат по накит за свадбени дарови. Во текот на летниот период имаме и купувачи од Скопје, кои потенцираат дека сме доста поевтини од трговците со накит во главниот град, велат од неколку продавници за накит во Охридската чаршија.
Изработката на Охридскиот бисер како промоција
Дел од туристичките водичи со кои поразговаравме на оваа тема велат дека често ги предупредуваат туристите, да внимаваат за квалитетот и потеклото на накитот кој го купуваат во Охрид бидејќи постои можност да платат голема цена за нешто што не оргинално.
-Тоа особено се однесува на Охридските бисери кои рачно се изработуваат и продаваат само во занаетчиските дуќани на охридските фамилии Талеви и Филеви, кои со децении ја негуваат традицијата за изработка на бисери. Приказната за рачната изработка на охридскиот бисер треба да биде една од најважните туристички приказни кои водичите треба да им ја раскажуваат на туристите, смета туристички водич кој долги години води групи на туристи низ Охрид.
Од Охридската локална самоуправа велат дека обрнуваат големо внимание на промоцијата на Охридскиот бисер.
-Охридскиот бисер како традиционален и автентичен производ од Охрид е застапен во сите промотивни материјали за градот. Исто така тој се промовира и во рамки на сите саемски промоции на кои се промовираат охридските туристички потенцијали. Приказната за изработката на бисерот многу често е дел од новинарските прилози на голем број медиумски куќи кои биле дел од промотивните тури кои се организираат во Охрид, појаснува Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.
Тој додава дека во насока на зачувување на старите занаети за изработка на накит, Охридската локална самоуправа организираше и работилници за изработка на Охридски бисер и филигран во рамки на проектот ,,Младите како носители на културата, традицијата и знаењето”.
Е.М