Од денес до 27 април Охрид повторно ќе биде домаќин на најинспиративниот настан за млади претприемачи – Startup Weekend Ohrid 2025 во организација на Стартап Македонија во соработка со Универзитетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле”.

Во текот на интензивни 54 часа, 12 тимови ќе работат на развој на свои бизнис идеи, ќе креираат стартапи од нула, ќе добијат менторска поддршка од 20 докажани професионалци, и ќе ги презентираат своите решенија пред стручно жири составено од врвни експерти од светот на технологијата, иновациите и бизнисот, велат организаторите.

Startup Weekend е дел од глобалната Techstars мрежа и претставува уникатна можност за сите кои сакаат да навлезат во светот на иновациите, технологијата и претприемништвото.

Настанот е отворен за сите – дизајнери, програмери, маркетери, студенти, фриленсери и сите со креативен дух и желба да направат нешто свое. Покрај натпреварувачкиот дел, настанот ќе биде исполнет со инспиративни сесии, вмрежување, нови пријателства и уникатно искуство што ќе ги охрабри сите учесници да размислуваат храбро, креативно и претприемнички, посочуваат.

Startup Weekend Ohrid ќе се одржи во просториите на ко-организаторите на овој настан односно во Универзитетот за информатички науки и технологии “Св.Апостол Павле“.

На официјалното отворање  најавено е обраќање на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, а дополнително, поддршката од Швајцарската амбасада и British Council ја потврдува важноста на овој настан и неговото влијание врз развојот на претприемничката култура кај младите, додаваат организаторите.

Годинава Startup Weekend Ohrid е поддржан од дури 38 спонзори и поддржувачи кои со својата помош придонесуваат за реализацијата на истиот.

OhridNews