Фраза или не, реалност или впечаток? Граѓаните не се многу убедени дека Охрид е спортски град. Речиси половина од  над  1500 читатели кои се вклучиле во анкетата на Ohridnews –Дали Охрид е спортски град?, одговориле негативно. 738 читатели, или 46% сметаат дека Охрид не е спортски град, 27% или 438 читатели се на мислење дека во Охрид недостига спортска инфраструктура, 263 читатели или 16% сметаат дека градот има скромна инфраструктура, а само 10% или 157 читатели се изјасниле дека Охрид е спортски град.

Мислењето на граѓаните го делат и спортските работници, кои темелно ги анализираат причините за спортското сивило во Охрид.

Спортот на Охрид може да му донесе многу, но во моментов Охрид вложува многу малку како во спортските екипи така и во создавање кадри и инфраструктура. Со исклучок на еден добро организиран кошаркарски клуб, Охрид се наоѓа на дното на македонската спортска карта. Вака ја оценува моменталната ситуација во охридскиот спорт, голманската легенда Данчо Целески

Причини за ваквите состојби има многу, вели Целески. Луѓето кои што можат не сакаат, тие што сакаат не можат, но клубовите веќе не може да функционираат на начин на кој тоа беше практика пред десетина година, додава Целески. Во Охрид со исклучок на една две младински спортски школи не се обучува млад кадар, а во спортската едукација многу малку се вклучени и професорите по физичко образование, особено  во омасовување на спортот. Но не се само тие виновни за тоа бидејќи потфрлаат и институциите, критикува Целски.

Покрај финансиите, главна маана на охридскиот спорт е немањето на соодветни спортски терени и неможност за активно занимавање со спорт на  младите категории, смета Целски. „Во спортот веќе нема ентузијасти. Спортот е бизнис секаде во светот и тоа така мора да биде и во Охрид. Луѓето кои ги водат екипите мора да сфатат дека екипите мора да ги води стручен кадар, а во Охрид за жал во сите спортови имаме едвај два-тројца лиценцирани тренери што е срамота и да се спомне“, завршува Целески.

По постигнатите резултати на спортски план  во блиското минато можеме да заклучиме дека Охрид и  не е баш спортски град, но по она што го гледам на маалските кошаркарски и фудбалски терени, и секако по интересот кој владее кај граѓаните за користење на нашите услуги, Охрид и тоа како е спортски град, вели актуелниот директор на јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти, Иван Цветкоски.  

Предусловите за спортски град ги имаме само треба да ја зголемиме спортската инијацива и секако организацијата на сите институции кои се поврзани со дејноста спорт и сето тоа да им го понудиме на граѓаните, смета Цветкоски.

Според него, спортската инфраструктура може но и не мора да е причина за некој град да ја добие  етикетата спортски или неспортски.  

ако сум дел од помладата генерација, се сеќавам во моите рани години на истата оваа спортска инфраструктура, па и полоша се организираа и одржуваа многу повеќе спортски настани отколку денес, вели Цветкоски. Ифраструктурата е еден од битните предуслови за развој на спортот но претежно на врвниот или професионалниот спорт, за рекреација и масовен спорт кој што е потребен за Охрид треба само малку желба и инијацитива, додава Цветкоски.

Охрид како град има многу скромна, недоволна и нецелосна спортска понуда, смета Гоце Тасески, од Сојузот на училишен спорт.

Она што му фали на градот е подобрена инфраструктура, (пр.атлетска патека, затворен пливачки базен, повеќе спортски игралишта за разни спортови, комплетирање на градскиот стадион за фудбал со уште една трибина). Градот треба да вложи во спортот со создавање услови за спорт,или да најде инвеститори кои би го направиле тоа, а потоа спортските клубови да работаат и тоа вистински да работаат во повеќе категори со повеќе деца,  да ги привлечат децата, мора да се има голем квантитет, а потоа по пат на селекција и стручни тренинзи во клубовите ќе излезе и квалитетот, зборувам за сите спортови, а не да се чека на локалната самоуправа да им додели средства и да не се знае дали клубот ќе се натпреварува во тековната сезона во одреден спорт.(пр.ракометот во градот???). Секој клуб треба самостојно да функционира, клубот треба да си вложува и во стручниот кадар праќајки ги своите  тренери на разни семинари за усовршување и да вложува во своите членови-играчи кои како квалитет во некој евентуален трансфер би му донеле на клубот финансиски средства, вели Тасески

Според него, многу помалку би го чинело секој клуб ако создава свои играчи,него ли да ги носи од страна за многу повеќе пари за една сезона. Оние клубови кои настапуваат во прва или втора лига треба да си најдат спонзори со кои спонзори мораат да потпишат договори за професионална соработка.Во градот треба да има и општински лиги во некои спортови за  училишната младина, нешто на што локалната самоуправа  како малку да има подзаборавено, а треба  да го поддржи, додава Тасески. 

Гласните размислувања на спортските работници и јавноста, ги потврдуваат и случувањата на спортските арени. Со исклучок на натпреварите на АМАК кој во моментов е единствената светла спортска точка, на натпреварите на останатите екипи има едвај по стотина гледачи. Квалитетот на екипите пак е посебна приказна. Најчесто тое се друштва на големи спортски ентузијасти кои искрено се борат за својот клуб. Речиси ниту една екипа го нема решено изворот на финансирање, не постои клупска инфраструктура и основни услови за работа. Мака мачат и екипните и поединечните спортови. Можеби најдобар одраз на спортските (не) прилики кај нас е руинираниот отворен базен. Градот на вода и домаќин на меѓународен пливачки маратон од ФИНА серијата без базен и пливачки клуб-апсурд. Но не е се така црно. Во декември сме домаќини на ЕП во ракомет за жени. Се најавува тартан на СРЦ Билјанини извори  и подобри денови за атлетиката. Кој знае, можеби токму претстојниот ракометен  спектакл  ќе поттикне некаква спортска иницијатива. Големите спортски приказни најчесто почнуваат скромно, но впечаток е дека спортски Охрид живее прескромно.

Горан Момироски
Мирко Постоловски