Охрид и охриѓани четири денови дишеаја и живеаја со и за ракометот, кој е еден од омилените и најпопуларните спортови во градот и земјата воопшто.

Во Охрид се одржа завршницата од Купот на Македонија во машка конкуренција, а за титулата на задоволство од сите се бореа Вардар и Металург.

Се започна во четвртокот кога „гладијаторите“ со победата над Радовиш обезбедија сигурен опстанок во Супер лигата. Така тие гарантираат уште една сезона елитен ракомет во „Билјанини Извори“ и многу возбудувања.

Во петокот дел од екипите учесници во Купот на Македонија стигнаа во Охрид и веднаш беа „окупирани“ од фановите кои и во Охрид ги имаат во огромен број.

Саботата беше резервирана за полуфиналните дуели во Купот. Вардар и Металург без посериозни проблеми ги елиминираа Тинекс Пролет односно Зомимак и закажаа спектакуларна средба во финалето.

Во „сенка“ на финалето од Купот, ракометарките на Моби Дик на најдобар можен начин со триумф над директниот ривал Куманово (28-27) ја освоија шампионската титула во Првата и обезбедија пласман во Супер лигата.

Шлагот на тортата следуваше попладнето кога се играше финалниот натпревар од 22-то издание на второто по ранг натпреварување. Триумфираше составот на Вардар победувајќи го Металург со 30-28 во финалето за паметење.

Никој во поново време не памети спортската арена „Билјанини Извори“ да биде исполнета буквално до последното место и да се бара билет повеќе.

Глетка што треба да се поздрави, но и да биде патоказ за охриѓани и охридскиот спорт во иднина.

Михаил Постоловски