По изјавата од градоначалникот Пецаков дека планирано е плажите да се вратат на концесионери по пат на јавно наддавање, реагираат и од Охрид СОС.

Велат, дека ваквиот потег би бил крајно штетен кон регионот, исклучиво во служба на крупниот капитал и токму ваквиот шаблон го донел Регионот на раб на губење на статусот на УНЕСКО.

 

Пецаков вели дека објектите на плажите не биле дивоградби. Не само што се дивоградби, дел и официјално вклучени во Регистарот на нелегални градби од Општина Охрид, туку градењето на цврсти градби од бетон, со прозорци во појасот од 50 м со упади внатре во езерото го прави издавањето на таквите „дозволи“ кривично дело за кое мора да се гонат тие лица што ги издале и секако тие инспекциски служби што не постапиле и не си ја исполниле својата службена должност да отстранат незаконски градби, стои во реакцијата од Охрид СОС.

Од граѓанската иницијатива велат дека враќање на концесиите не може да има, бидејќи договорите за плажите се истечени со години, а во последните 3-4 години, концесионерите не платиле ништо за тоа што управувале и заработувале од плажите. Додаваат дека постапката за издавање на државно земјиште под закуп е регулирана со закон, и дека Градоначалникот мора да го спроведува Планот за управување со светското наследство на Охридскиот регион за 2020-2029 година.

Моментално се работи Урбанистички план за крајбрежје, кој како план од државно значење е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во него треба да биде вградено зонирањето на крајбрежјето – Зона I според Планот за управување. Додека не се усвои тој урбанистички план, крајбрежјето, односно определените зони за плажи, не може да се издаваат под закуп. Откако Урбанистичкиот план за крајбрежје ќе биде готов, општините ќе треба да усвојат и урбанистичка документација за плажи. Сите урбанистичко-плански документи треба да добијат позитивно мислење од Комисијата за управување со Охридскиот Регион, се додава во реакцијата од Охрид СОС.

Од Министерството за транспорт и врски велат дека во моментов се изработува Урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро во кој целосно ќе бидат вклопени препораките на УНЕСКО за да се заштити крајбрежјето.

Се работи на Урбанистички план од државно значење кој се изработува со цел ставање на ред, запирање на узурпирањето на Охридското крајбрежје и негова целосна заштита согласно препораките од УНЕСКО, а во овој момент се собираат податоци од Агенцијата за катастар на недвижности, велат од Министерството за транспорт и додаваат дека градоначалникот на Охрид е информиран за сите овие постапки од страна на координаторот на Државната комисија за заштита на охридското крајбрежје.

Градоначалникот Пецаков, претходно истакна дека веќе имал работни средби со надлежните во Министерството за транспорт и врски, каде побарал вметнување на плажите во опфатите на урбанистичкиот план и побарал од државните институции да ги заокружат сите потребни процедури во насока на изнаоѓање начин плажите да бидат издадени под концесии на јавно наддавање и тоа до април.

 

OhridNews