Неформалното еколошко движење Охрид СОС, со соопштение до јавноста повторно реагира дека  во близина на НУ Завод и Музеј Охрид се гради несоодветна градба за старото градско јадро, посочувајќи оти за истата е издадено соодветно конзерваторско одобрение. Станува збор за изградба на куќа на 4 ката на место каде што веќе постои куќа на две нивоа. Според Охрид СОС, таквата градба ќе ја наруши карактеристичната топографија на теренот.

За градење во Старо градско јадро и воедно Зона I од Планот за управување со Охридскиот Регион 2020-2029, инвеститорот е должен да обезбеди заштитно-конзерваторско одобрение, велат од Охрид СОС. Додаваат дека ова не е прв случај што добил конзерваторско одобрение за несоодветна градба и дека не случајно Центарот за светско наследство на УНЕСКО дава препораки за ставање на Охридскиот регион на листата во опасност.

 

Но, ова е, прв ваков случај (нам познат) по кој Комисијата за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион даде негативно мислење во декември 2020 г. Мислењето се должеше на тоа што во издадената документација од страна на Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод и музеј, „изостанува стручност и знаење за потребата од зачувување на светските вредности“. Поради тоа, Комисијата ги задолжи Министерството за транспорт и врски, УЗКН и Завод и музеј Охрид да изнајдат начин да ги преиспитаат/повлечат издадените акти според кои е овозможено понатамошно одвивање на активностите на сопственикот на објектот за добивање дозвола за градење. УЗКН и Завод и музеј Охрид купуваа време додека одобрението за градба не стана правосилно, а потоа спроведоа инспекциски надзор во кој требаше да ги утврдат и коригираат сопствените грешки, што се разбира не го сторија, се вели во реакцијата од Охрид СОС

Од Охрид СОС истакнуваат дека се занемарени Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион и препораките на Реактивната мониторинг мисија од 2017 како и одлуките на УНЕСКО кои државата е задолжена да ги исполни. Велат дека бил занемарен и Планот за управување со Охридскиот регион а потоа од УЗКН било донесено решение со кое случајот бил затворен, а конзерваторското одобрение останува на сила, а со тоа и одобрението за градба.

Се изглуми стручност со формално спроведување на процедури и никому ништо. Сега, работите стојат на истото 2 место како и пред издаденото мислење на Комисијата, како тоа вооопшто да го нема. Министерството за култура сега е ненадлежно и за сите прашања околу случајот упатува на УЗКН кои, пак, не наоѓаат ништо спорно во фактот што не постапуваат согласно со законските обврски за заштита на културното наследство, додаваат од Охрид СОС.

OhridNews
Фото: Охрид СОС