Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ укажуваат на оттуѓување на државното земјиште за приватни интереси и урбанистички игри на просторот  кај Маларична.

Велат дека со изградбата на приватна станбена зграда ќе се загуби урбаното зеленило во централното градско подрачје на Охрид. Посочуваат дека во Генералниот урбанистички план за Охрид (2002 – 2012) изработен во јули 2006 година, делот кај Маларична е обележан како „домување со терцијални содржини“. Во таа парцела влегува дел од училишниот парк и старата куќа на улицата „Димитар Влахов“, но и семејната куќа помеѓу Маларична и основното училиште „Григор Прличев“.

Додаваат дека во февруари 2008 година е изработен Детален урбанистички план за дел од централното градско подрачје во кој се брише од мапата Поликлиника „Маларична“ Охрид.

Во Планската програма за изработка на ДУП-от кој сега се изработува се забележуваат мали модификации во однос на ситуацијата прикажана во ГУП – помеѓу основното училиште и средното економско училиште е вметнат голем паркинг, а паркинг има и на улицата која ги дели Гимназија и ООУ „Григор Прличев“, иако таква намена не е предвидена со самиот ГУП. Како некаква „компензација“, на училиштето во овој план му е отстапена друга државна парцела, а модифицирани се границите на приватната парцела, каде што се наоѓа старата градска куќа. Состојбата на околните јавни објекти e заведена како постојана, а нова ситуација е огромната станбена зграда, велат од „Охрид СОС“

Потенцираат дека со Детален урбанистички план за плански период од 2014-2024 бројот на станбени згради во опфатот „Маларична“ се зголемува и дека покрај овој веќе изграден објект, се предвидуваат уште два објекти за колективно домување замислени како самостојни станбени блокови.

Во Планската програма за изработка на ДУП во април 2023 година се случуваат дополнителни промени. Сега паркингот кој претходно беше во рамките на парцелата каде што е предвидена зграда, се издвојува. Се уништува цел училишен парк и децениски стебла кај Брзата помош за да се направи паркинг кој замислете ќе биде јавен! Претходно отстапената државна парцела на училиштето, во претходниот план, сега е вратена во приватната парцела училиштето, во претходниот план, сега е вратена во приватната парцела. Паркинзите помеѓу училиштата се останати. Дополнително, се менува обемот на јавните објекти. Кај детската градинка „Јасна Ристеска“ двојно се зголемува обемот на објектот и се уништува сето зеленило, детски парк и игралиште, пред и од страната на објектот, која се граничи со основното училиште. Од сегашното огромно урбано зеленило во планот останува еден скромен триаголник до главниот паркинг и малку кај тротоарот од новата улица, велат.

Од „Охрид SOS“ укажуваат и на непочитување на Планот за управување со Охридскиот регион како светско наследстсво.

За оформување на споменатиот огромен станбен блок се врши спојување на дури 14 катастарски парцели во една градежна парцела, со цел постигнување на огромен габарит, што е во директна колизија со Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион со Акциски План (2020-2029), каде изрично се забранува таа постапка, додаваат.

Алармираат дека доколку се дозволи реализација на овој, според нив, штетен ДУП, Охрид и светот ќе загубат еден прекрасен и уникатен објект граден во периодот помеѓу двете светски војни, во духот на еклектичната архитектура, инспирирана од европскиот класицизам и нео-стиловите, куќа-вила потоната во зеленило, украс на улицата „Димитар Влахов“, со која се поврзуваат во една целина објектите градени во сличен стил – низата куќи пред Општина Охрид и објектот на Гимназијата.

OhridNews