Во предлогот за измена и дополнување на актуелниот Закон за водите изработен од МЖСПП нема никаква експлицитна дефиниција за јавен интерес со која се утврдува како приоритет одржливото користење на водите иако во низа ситуации се докажало дека е огромен пропуст што таквите дефиниции и начела недостасуваат во законите со кои се третираат одделни домени од животната средина.
Начелото на јавен интерес мора да биде експлицитно вклучено во законот за да може лесно да се поврзе со одредбата од чл. 30 ст. (3) од Уставот во која е наведено дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Сведоци на сме на секаков тип на долгогодишни, несанкционирани, па и законски овозможени злоупотреби, на водите, а се соочуваме со климатска криза чии последици веќе ги чувствуваме, поради што не смее да се чека на засебен закон во кој би се дефинирал јавниот интерес.
Со измените се предвидуваат енормни намалувања на надоместоците што ги плаќаат правните лица за користење на водата за флаширање и за одгледување на риби и птици за продажба. Надоместокот за водата за флаширање e намален за најмалку 45 пати, додека надоместокот за водата користена за одгледување риби и птици за продажба е намален трипати.
Блатата, како засебен тип на воден екосистем, не се на ниеден начин опфатени во законот иако нивната заштита и ревитализација е клучна за опстанокот на нашите природни езера. Познато е дека екосистемските услуги на водните живеалишта се пропорционални со нивната големина. Оцената на ИУЦН за Охридскиот Регион како светско наследство (IUCN, 2017), како и Извештајот од советодавната мисија на ИУЦН и ИКОМОС (IUCN, ICOMOS, 2019), јасно упатуваат дека треба да се подобри состојбата на блатата, да се обноват старите и да се создадат нови блатни екосистеми во насока на спречување на деградацијата на природните вредности на Охридскиот Регион.
Не се предвидува евиденција на бунари и извори. Во Македонија сè уште се користи катастар стар 60 години што значи се нема егзактен увид во тоа со колкава (потенцијална) количина на изворска вода се располага, не се мониторира состојбата, а со тоа не може ни да се креираат соодветни политики. Од друга страна, без никаква контрола и план за одржливост, државата ги препушта водните ресурси за изградба на мали хидроцентрали кои, веќе потврдено, резултираат со еколошка и финансиска штета.
Особено загрижува неприфаќањето на нашиот предлог за забрана правни лица да користат питка вода како техничка и за тоа уште и да плаќаат помалку од домаќинствата! Веќе со години правното лице РЖ Услуги користи близу 30% од водата за пиење во Скопје како техничка вода. Во сите години од своето постоење или воопшто не плаќало за потрошената вода или плаќало некоја незначителна сума од само неколку денари за кубик. Иако со одлука на Советот на Град Скопје од 2018 г., во последните неколку години, сумата која ја плаќа се зголеми, сепак РЖ Услуги продолжува да плаќа (повеќе од) двојно помалку од едно скопско домаќинство и плаќа петкратно помалку од останатите правни лица. Без оглед на приходите кои се влеваат во државниот буџет од ваквите компании, штетата којашто се создава во ера на климатска криза е ненадоместлива. Во време кога сѐ повеќе станува очигледен недостигот на слатка вода, јавниот интерес мора да се заштити и да се спречи ваквата (зло)употреба на вода за пиење како техничка.
Останува можноста вештачки ѓубрива и биоцидни производи да се користат на 10 метри од брегот, што е контрадикторно на дефиницијата за заштитен крајбрежен појас од 50 метри. Фосфатите воопшто не се констатирани како опасност, иако има низа научни докази дека во почвата има стотици тони кои се препознаени како основни загадувачи од земјоделското производство.
Сите горенаведени состојби кои претставуваат драстични уназадувања во управувањето со водите, се дотолку повеќе загрижувачки поради фактот што Законот откако е донесен во 2008 г. до денес има исклучително слаба имплементација. Постоењето на стари и неажурирани стратешки документи, како и нивно неизработување, односно недонесувањето на подзаконските акти предвидени со законот, го доведуваат во прашање ефикасното управување, планирање и заштита на водите. Мониторингот е, исто така, многу ограничен, недостасуваат податоци, но најважно не е стандардизиран и соодветно уреден. Во Законот е предвидена изработка на Националната стратегија за води, Водната основа, плановите за управување со речни сливови, но до денес единствено е изработена Националната стратегија (според извештај од ДЗР крајно дилетантски), а не постојат никакви реперкусии за неизработување на останатите суштински документи за ефективно спроведување на Законот.
Забелешките на Предлог на Закон за изменување и дополнување на актуелниот Закон за водите во нивната интегрална верзија достапни тука, се изработени од граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ и Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид ЅОЅ
Здружение за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н.
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите