По повод 5 Јуни- Светскиот ден на животната средина, граѓанската иницијатива ОхридСОС на градоначникот на Охрид, Никола Бакрачевски, му врачи Барање за Мораториум на спроведувањето на активностите/проектите кои подразбираат намалување односно преземање на Студенчишко блато. Во барањето стои дека Студенчишкото Блато се одликува со исклучителна вредност поради присуство на ретки и ендемични видови на растенија и животни како и неговото функционално значење за Охридското Езеро. Министерството за животна средина и просторно планирање веќе има отпочнато постапка за негова заштита и прогласување на Споменик на природата.

– Доколку се спроведе урбанизација на Студенчишкото блато (УБ 17.1) влијанија ќе постојат врз растителните заедници кои се со многу ограничена распространетост, како и врз видовите на растенија и алги кои се среќаваат само во Блатото и на ниту едно друго место на светот. Со намалувањето/преземање на површината на Блатото ќе се промени квантитетот и квалитетот на подземните површинските води, како и и неговата основна функција (природен прочистувач на Охридското Езеро) што воедно е најсериозна закана по биолошката разновидност и на блатото и на езерото, велат од ОхридСОС.

Додаваат дека ваквиот став е потврден и со одобрениот СОВЖС извештај за Измена и дополна на ГУП за Охрид за повеќе Урбани Блокови меѓу кои и  УЗ 17 – УБ 17.1 (2014 –2024) кој јасно укажува и посочува дека не постои мерка која би го намалила штетното влијание врз Студенчишкото Блато, а со тоа и влијанието врз Охридското Езеро доколку истото продолжи да се урбанизира наместо да се заштити и зачува.

OhridNews