Очекувајќи го овогодинешниот, 29-ти Охридски пливачки мартон, не случајно се наметна и прашањето на квалитетот на водите на Охридското Eзеро и неговата иднина, како и иднината на маратонот. Загриженоста стана поголема рано годинава со предложените измени на Урбанистичкиот план на Охрид, како и неколку други урбанистички проекти за кои јавноста веќе добро знае. Охрид SOS, уште оттогаш неуморно повикува на внимание за опасноста што му се заканува на езерото и поширокиот еко-систем доколу истите се реализираат. Една од директните последици од градежните, а еколошки опасните подвизи околу и во езерото, меѓу другото е и постепена, но сигурна деградација на квалитетот на водата. А тоа е средината неопходна за пливање, основен предуслов за професионалните пливачи на отворени води. Во тој контекст, алармирањето на Охрид ЅОЅ не остана неслушнато од оние директно инволвираните.
Заложбите за заштита на езерото ја добија поддршката од едни од најдобрите маратонски пливачи во светот, а отворено својот став го изрази и нашиот Евгениј Поп Ацев, двапати второрангиран на светската листа на пливачи на отворени води и фаворит за победник на овогодинешниот маратон. Тој рече: „Заштитата на Охридското Eзеро е битна за мојот спорт зашто пливачите сакаат да пливаат во чиста вода, тоа ја прави трката поубава, а исто така би останала трка во најубави услови и вода во целиот свет. Мислам дека сите пливачи би се сложиле со тоа.“
Покрај него, поддршка дојде токму и од победникот на минатогодишниот Охридски маратон и двоен олимпиец, Белгијанецот Брајан Рајкеман; Канаѓанецот Завие Дешарне, моментално второ-рангиран во светот, потоа Греманецот Александер Стуѕински, двапати второпласиран на Охридскиот маратон; Аргентинецот Дамиен Блаум, поранешен ФИНА гранд-при шамион, олимпиец и повеќекратен учесник на Охридскиот маратон, како и поранешната ФИНА гранд-при шампионка и победничка на Охрискиот маратон во 2007, Шпанката Естер Нунез, и Мексиканката Заира Карденас. Сите, со споделување на Петицијата на Охрид ЅОЅ преку своите твитер профили се вклучија кон информирање на светската јавност и ширење на повикот за ургентноста и неопходноста за заштита на Охридското Eзеро.
Иако не толку изненадени од нивната позитивна реакцијата, сепак, Охрид ЅОЅ им изразува огромна јавна благодарност за нивниот анагажман. Со тоа, маратонците влегоа во друштвото на преку 200 светски и домашни експерти и илјадници други поддржувачи на мисијата за бескомпромисна гаранција за заштита на езерото.
Активисти на Граѓанска иницијатива Охрид SOS