Активистите на граѓанската иницијатива Охрид СОС ги повикуваат граѓаните на заедничка акција за чистење на охридското крајбрежје на 21- ви јуни, првиот ден од летото и Денот на езерото.

Нашите волонтери ќе чистат во реонот на Студенчишко Блато, но сметаме дека сите плажи кои се користат во текот на летната туристичка сезона треба да бидат цел на оваа акција. Од таа причина ги каниме локалните месни заедници да ни се приклучат така што ќе ги активираат своите жители за чистење на плажите во своите заедници. Заеднички да покажеме дека сме освестени за природата што нè опкружува, дека сме свесни за огромната одговорност, дека вистински се грижиме за нашето светски признато природно и културно наследство и дека ни е важно какво ќе им го оставиме на наредните генерации, велат од Охрид СОС.

Засега е потврдено вклучувањето во акцијата на МЗ Лагадин, каде што освен што ќе се чистат локалните плажи, ќе има и мала изложба на уметнички дела со природата на Охрид и езерото како инспирација.

Заинтересираните месни заедници можат да се пријават на телефонските броеви 078 369 445 и 078 272 664.

Од Охрид СОС со порака: Да запомниме – ние не ѝ требаме на природата, таа ни треба нам!

OhridNews