Природниот прираст во Охрид во вториот квартал од 2015 година е -32 лица. За толку бројот на живородените деца е помал од бројот на починатите, соопшти Државниот завод за статистика. Статистичките податоци покажуваат дека во второто тримесечје од 2015 година во Охрид се родиле 132 новороденчиња, а починале 164 лица. За истиот временски период 59 парови од Охрид стапиле во брак, а биле евидентирани и 16 разводи.

Споредено со податоците кои биле евиденирани во првиот квартал од 2015 може да се забележат значителни разлики. Во тој период природниот прираст во Охрид бил -18 лица, односно во Охрид се родиле 142 новороденчиња, а починале 160 лица.

На ниво на Македонија природниот прираст во вториот квартал од годинава изнесува 791 лице.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на живородените деца во второто тримесечје од 2015 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 4% и изнесува 5 683 живородени деца. Бројот на починати лица во второто тримесечје од 2015 година бележи зголемување од 2,3% во споредба со истото тримесечје од 2014 година и изнесува 4.892 лицa.

Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е зголемен за 8,2% во споредба со истиот период од 2014 година и изнесува 3.710 бракови. Разведените бракови во ова тримесечје од годината бележат намалување од 12,4% во споредбасо истиот период од 2014 година и нивниот број изнесува 495.

OhridNews