Природниот прираст во Охрид во првиот квартал од оваа година е -18 лица. За толку бројот на живородените деца е помал од бројот на починатите, соопшти Државниот завод за статистика. Статистичките податоци покажуваат дека во првото тримесечје од година во Охрид се родиле 142 новороденчиња, а починале 160 лица. За истиот временски период 53 парови од Охрид стапиле во брак, а биле евидентирани и 32 разводи.

На ниво на Република Македонија природниот прираст во првиот квартал изнесува -325 лица. Според податоците на Државниот завод за статистика бројот на живородените деца на ниво на Република Македонија во првото тримесечје од 2015 година, во споредба со истиот период од претходната година, е намален за 0,9% и изнесува 5.584 живородени деца.

Бројот на умрените лица во првото тримесечје од 2015 година бележи зголемување од 11,9% во споредба со истото тримесечје од 2014 година и изнесува 5.909 лице, а од нив 55 се умрени доенчиња.

Бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 5,2 % во споредба со истиот период од 2014 година и изнесува 2.463 бракови. Разведените бракови во ова тримесечје од годината бележат намалување од 4,3% во споредба со истиот период од 2014 година и нивниот број изнесува 551.

OhridNews