Фудбалерите на Охрид Лихнидос скапо ја продадоа кожата во дуелот со фаворизираниот Гостивар, што се одигра денеска на стадионот „Билјанини извори. Во 12 коло од Втората лига, гостите славеа 1:2 (0:1).

Клучен момент на натпреварот беше исклучувањето на фудбалерот на Охрид Филип Ѓоргоски, кој доби директен црвен картон во раната фаза од мечот. Гостивар поведе со голот на Антонио Каланоски во 26 минута, а Стојанчо Велинов во 77 минута зголеми на 0:2. Арбен Тафа во 84 минута намали на 1:2, но Охрид до крајот немаше сили за израмнување во нерамноправниот меч.

Воска Спорт стигна до вредна победа на гостински терен над Аресими 1:2, со што ја продолжи битката за врвот на табелата на кој сега изби Гостивар со 30 бода, пред Вардар со 28 и натпревар помалку. Воска Спорт на третата позиција има 27 бода, а Охрид е четврти со 22 бода, еден повеќе од Детенит Плачковица и два од Пелистер, кои имаат натпревар помалку.

Во следното коло, што ќе се игра на 26 ноември,  на програмата е градското дерби помеѓу Воска Спорт и Охрид Лихнидос.

Г.М.