Турската компанија “ULAC“ е заинтересирана за отварање на фабрика за леплива амбалажа во Охрид. За таа цел претставници на оваа компанија деновиве престојуваа во Охрид, каде ги разгледуваа локациите и другите можности за евентуален влез на македонскиот пазар.


Неџмедин Улач

Информацијата лично ни ја потврди претставникот на компанијата, Неџмедин Улач, кој деновиве учествуваше на Македонско-турскиот бизнис форум, што се одржа во Охрид. Инвестицијата како што ни откри тој во разговорот, тежи 3-4 милиони евра. Фабриката за почеток би имала околу 50 вработени, а нејзината изградба, како што ни изјави Улач, не зависи од економската криза, туку од подготвеноста на домашните банки финансиски да го поддржат проектот.

Ако чекате да помине економската криза тогаш не треба да правите никакви вложувања. Меѓутоа добрите бизнисмени се познаваат по тоа што знаат да вложат и во една ваква ситуација. Сакаме да отвориме фабрика за леплива амбалажа во Македонија од каде би можеле нашата стока да ја продаваме на целиот Балкан. Фабриката сакаме да ја отвориме во Охрид или Битола, за што веќе се направени неопходните разговори со соодветните институции. Сега претстојат разговори со вашите банки за поткрепа на нашата инвестиција, ни изјави Улач.

Според него Македонија има предности кои ги привлекуваат турските инвеститори. Една од нив, вели Улач, е тоа што двете земји имаат слични културни карактеристики, навики и обичаи, што според него е многу битно еден турски бизнисмен  да се одлучи да инвестира во Македонија. Вашата Влада исто така има направено повеќе погодности и затоа ние побрзо би можеле да се одлучиме да вложиме во Македонија отколку во некоја друга земја, додаде Улач.

Ohridnews