Со „Comedy Jam“ вечерва во „Jazz Inn“ продолжува 6. издание на „Summer comedy marathon“. За добро расположение велерва ќе се погрижат Никола Тодороски, Јован Цветкоски, Зоран Донев, Никола Братучед Сиљаноски.

Сместувањето се врши по принцип прв дојден прв услужен, потсетува организаторот.

Фестивалот кој веќе се етаблира во културната програма на Охрид, ужива добар углед како кај домашната, така и кај странската публика и изведувачите кои доаѓаат Балканот и светот. Потврда за тоа се полните гледалишта на сцените на кои се одвиваат настаните.

Големото финале на 6. „Summer comedy marathon“, ќе се случи на 13 август на Долни сарај со специјалното шоу „2Мothers Brothers“ на Никола Тодороски и Стрезо Стаматовски на кое ќе биде изведен нов материјал, ексклузивно подготвен за 10 годишниот јубилеј на шоуто.

За финалето на 6-тиот „Summer Comedy Marathon“, а по повод 10 годишнината од постоењето на 2 Mothers Brothers комеди кабаре се подготвува премиерно шоу на Долни Сарај. Класична тема во модерна амбалажа. Сериозна комедија за сладокусци. Социјална критика со музичка подлога. Се останато се само детали, вели Никола Тодороски.

„2Мothers Brothers“ е клупско вариете шоу каде што преку актерска игра, стенд ап, дуо скеч комедија, импровизација, сатира и музика го претставуваме нашиот авторски материјал. Тоа е производ на нашето долгогодишно другарство и на нашата заедничка соработка на сцената, вели Стрезо Стаматовски.

Заедно сакавме да направиме производ кој што го нема во регионот и кој што ќе биде оригинален. Инспирацијата за формата дојде од кабарето во Германија, или конкретно од кабарето во Берлин и Минхен за време на „златните години“ на Вајмарската република во 20-30тите години на изминатиот век. Во тој период изведувачите биле силни и дрски критичари на политичките и општествените збиднувања во државата, но и на социјалните и сексуалните трендови во тој период. Така и ние… Идеите за материјалите ни произлегуваат од она што се случува на политичката сцена како во земјава така и во светот, од машко-женските односи, од музичките трендови, шундови итн, посочува Стаматовски.

Кабарето за прв пат беше изведено пред 10 години во култниот клуб „Џез Инн“ пред охридската публика, а понатака речиси во секој град низ Македонија.

Во изминативе години имавме и неколку настапи пред македонските иселеници во Штутгарт и Франкфурт. Во овие 10 години имаме повеќе од 6 часа напишан авторски материјал, 30 преработки на познати песни со наш текст и неколку авторски песни. Жалосно е што некои од материјалите кои што сме ги напишале пред една декада се се уште актуелни во државава, истакнува Стаматовски.

На 13ти август публиката ќе има можност да го види и чуе новиот материјал кој што е специјално напишан за јубилејот, како и одбрани делови од старите материјали. Заедно со Никола и Стрезо ќе настапат и Никола Јосифоски на клавијатура и Јане Тодороски на контрабас.

Ветуваме 75 минутна одлична забава, дружење и смеење до солзи. Ние не сме политичари, ние ги исполнуваме нашите ветувања 100%, вели во негов стил актерот Стаматовски.

 

На 13ти август спектакл на „2 mothers brothers“ на Долни сарај

Настанот ќе се случи во 22:00 часот на сцената на „Долни сарај“, а билетите можат да се купат онлајн на www.hahaha.mk, „Кај Аждерон“ чаршија или со резервација на тел: 075 283 066.

Г.М.