Според податоците на Секторот за туризам и локален економски развој на Општината (каде и се поднесуваат барањата за категоризација), вкупниот број на категоризирани објекти од мал обем на подрачјето на општината изнесува 1.139 со вкупно 7.021 легло. Од вкупниот број на категоризирани објекти скоро една четвртина, или 326, се категоризирани во оваа година, а бројот на поднесени барања по кои се постапува е 167.
Туристичките работници сметаат дека ова не е ниту половина од капацитетите во приватното сместување со кои располага Охрид. Тие се сомневаат дека процесот на категоризација ќе биде завршен и ова лето, така што туристите кои во иднина ќе доаѓаат во Охрид ќе знаат што им се нуди во приватното сместување. Од локалната информираат дека на терен работат и по три комисии за категоризација и дека се прават напори сите пристигнати пријави за категоризација на приватното сместување да се завршат во предвидениот рок.