Заслугата за ова репрезентативно „сведоштво“ за убавините на туристичкиот центар на Македонија, им припаѓа на двајцата вљубеници во својот град и уметнички фотографи Боби Ќосев и Петар Боев.
На четириесеттина страници, во фото-брошурата за Охрид, се презентирани фотографии кои ги доловил објективот на фото-апаратите на двајцата потврдени мајстори на фотографијата, љубители и почитувачи на природата, архитектурата, културата и традицијата на ова поднебје.
Како што доликува за репрезентативно издание на убавините на Охрид, така се извонредно надарени, наративни и исцрпно богати воведот и пропратните текстови чиј автор е Ристо Кузманоски – долгогодишен новинар, еден од најголемите афирматори на Охрид, особено во високотиражните печатени медиуми со децении наназад; автор на првиот и најпреиздаван туристички водич за Охрид и добар познавач на вредностите на културното, црковно и археолошко наследство.
Она што го чини ова промотивно дело посебно привлечно и оригинално, покрај извонредните, висококавлитени фотографии и печатарска техника, несомнено, е тоа што текстот (кој е умесно распореден во пропорција со фотосите за да не го оптоварува „она што го регистрирало окото“ на фотографот) е напишан исклучиво на англиски јазик.
Ова вредно уметничко презентирање на убавините на Охрид и околината, кое е приватно издание на двајцата автори – Ќосев и Боев, може да се набави во копаничарското Студио „Барок“ на Стевчо Аиноски, Галеријата „Емануела“ во главната Чаршија и на рецепциите на хотелите „Гранит“ и „Метропол“.