Во рестораните “Далга”, “Антико” и “Света Софија”, како и на плажата “Куба Либре” ќе се служи храна и вино во прибор од средновековието. Ова ќе се случува во рамките на Првиот историски фестивал “Средновековен Охрид” што ќе се одржи од 5 до 8 септември.

Организатори на овој културен настан со историски димензии се  Здружението на граѓани ЕОН и Идеја ОК-обука и консалтинг со поддршка од охридската локална самоуправа.

“Се работи за  интерактивен и мултимедијален културолошко-историски костимиран спектакл кој се темели на традиционалните вредности на Македонија. Фестивалот ќе ги претстави позитивните традиционални вредности на цивилизациите и културите што ја испреплетуваат и градат специфичната единственост на Македонија, но и пошироко, на овој дел на светот”, рече на денешната прес-конференција, Звонко Јанкуловски од Идеа ОК.

“Со поддршката на фестивалот, ги исполнуваме програмските задачи на општината и градоначалникот. Сакаме да укажеме дека освен туризмот и образованието, и културата зазема значаен дел во нашето делување”, изјави Митре Велјаноски од Општина Охрид.

Настаните на фестивалот ќе се одржуваат во централното јадро на стариот дел  на Охрид, поточно на малиот плоштад кај Старата градска библиотека. На средновековни  шатори и дрвени штандови, декорирани со средновековна орнаментика ќе се презентираат занаетите од  средниот век. Како локации на кои ќе се рализира фестивалската програма, како што беше  речено на прес-конференцијата се избрани и Античкиот театар, платото пред црквата Света Софија, Горна Порта, платото пред црквата Света Богородица Перивлепта , Централниот плоштад како и местото пред споменикот на Свети Кирил и Методиј.

Ohridnews