Со низа свечености Охрид денеска му оддава почит на гемиџијата Марко Бошнаков кој пред 102 години го положи животот за македонските идеали и слобода.



На спомен плочата која се наоѓа пред родната куќа на Марко Бошнаков во Охрид, делегации на  локалната самоуправа, институции, поединци, положија свежо цвеќе, а пригодно обраќање имаше претседателот на Советот, Душко Јаковчески.



На 28 април 1903 година Марко Бошнаков заедно со Јордан Поп Јорданов, Димитар Мечев – Мечето, Константин Кирков, Илија Трчков, Владимир Пингов, Георги Богданов, Иван Арсов, Костадин Кирков, Тодор Органџиев, Тодор Богданов, Илија Поп Јорданов,  Алексо Минев(сите од Велес) Павел Шатев од Кратово, Начо Стојанов, Гоце Чанев, унгарката Ана Шапец и други, ја извеле најголемата терористичка акција во своето време против Османлиската империја.



Гемиџиите во воздух ги дигнале бродот “Гвадалкивир”, Банк Отоман, гасоводните цевки, Гранд Хотел Солун, кафеаните “Ал хамбра” и “Ноја” и “Бошнак-ан”. Бил урнат Германскиот клуб, кафеаната “Египет”, како и неколку други локали.



Во битка со војската и полицијата се убиени Орце Поп Јорданов, Константин Кирков, Димитар Мечев, Илија Трчков, Владимир Пингов и Цветко Наумов. Уапсени се Павел Шатев, Марко Бошнаков, Милан Арсов и Георги Богданов. Тие отпрвин се осудени на смрт, но подоцна пресудата им е заменета со затвор во Фезан (Африка).Таму Марко Бошнаков умира а преживеаните гемиџии како што претходно се договориле главата на починатиот Марко ја донеле во Охрид каде била закопана.



Во спомен на гемиџијата Марко Бошнаков, Општина Охрид планира во паркот во центарот на градот да му подигне споменик на овој револуционер.

Ohridnews