Во рамки на манифестацијата „ Прличеви беседи“, денеска во Центарот за култура „Григор Прличев“, на пригодна свеченост, на поетесата Лилјана Пандева и беше врачена наградата за најдобра поема за 2020 година. На анонимниот конкурс, стручната жири комисијата, за најдобра ја прогласи нејзината поема „Капетаните“. Наградата ја врачи Горан Симоноски, директор на Центарот за култура „Григор Прличев“.
Лауреатот Пандева изрази задоволство што токму таа е добитник на престижната награда како една од продолжувачите на традицијата востановена токму од нашиот најголем поет и преродбеник Григор Прличев.
Честитајќи и го успехот, заменик градоначалникот на Охрид, Ристо Николески, рече дека Прличев оставил неизбришлив печат на овие простори и пошироко. Прличев бил инспирација за генерациите пред нас, за нашата, а убеден сум дека ќе биде инспирација и за генерациите кои доаѓаат по нас, додаде тој.
На одбележувањето на годишнината од неговата смрт, овенчувајќи ја со ловоров венец годинешната добитничка на наградата “Григор Прличев“, поетесата Лилјана Пандева ние докажуваме дека цврсто чекориме по духовниот и културен пат што го одредил Прличев. Лилјана Пандева со поемата „Капетаните“, како што оценила стручната комисија, покажа дека, инспиративно и посветено треба и мора да се следат стапките на големиот Прличев. – истакна Николески.
Во склоп на манифестацијата, НУ Библиотека „Григор Прличев“, ја промовираше книгата „За Прличев и неговиот XIX век “ од д-р Вера Стојчевска-Антиќ.
Книгата е симбиоза од научно – истражувачки текстови од д-р Стојчевска – Антиќ објавувани и презентирани во период од близу 40 години наназад на разни домашни и меѓународни конференции и настани и поводи. Од нив извира поврзаноста на Прличев со св Климент и неговото силно влијание врз одредени слова кои се мотивирани од заеднички извори. Трудот на д-р Стојчевска – Антиќ ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од XII век во црковнословенски, за да се дојде до XIX век со потреба од изрaзување на сопствен литературен јазик, различен од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик. – беше истакнато на промоцијата.
Фото Емил Јовановиќ
Промотор на книгата беше проф. д-р Димитар Пандев, а приредувач м-р Милчо Јованоски. Издавачи на книгата се Министерството за култура, Општина Охрид и НУ Библиотека „Григор Прличев“.
Чествувањата, утрово, почнаа со одбележување на патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“, каде делегација на градот предводена од градоначалникот Константин Георгиески, положи ловоров венец на бистата на поетот.
На вечното почивалиште на Прличев, што се наоѓа во стариот дел на градот, претпладнево се одржа панихида.
Ловоров венец и свежо цвеќе беа положени и пред спомен-бистата на Прличев пред библиотеката што го носи неговото име. На пригодниот настан, градоначалникот Константин Георгиески им ги додели признанијата на првонаградените ученици Виктор Милевски и Даријан Ангелоски кои победија на годинешниот ученички литературен конкурс, што по повод патрониот празник го распиша ООУ „Григор Прличев“.
Годинава се одбележуваат 128-години од смртта на големиот поет и преродбеник Григор Прличев и 160-години од создавањето на неговата поема „Скендербег“.
OhridNews