Охрид се сеќава на Тоде Илиевски, поет, писател за деца и млади, сатиричар, хуморист, преведувач, енигматичар и шаховски проблемист. Во негова чест денес во големата сала на Општина Охрид беше организирана свеченост на која беа доделни наградите, по повод распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, во организација на Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ со поддршка на Општина Охрид.
Мерсиха Исмајлоска, претставник на „Креатива верига“ потенцираше дека втора година по ред се организира настанот во чест на Илиевски изразувајќи задоволство што на денешниот настан присуствуваше и ќерката на Илиевски која даде посебна димензија на настанот кој ја слави поезијата за деца, онаа која беше можеби најблиска до Илиевски.
Ова е настан кој ја слави поезијата за деца, онаа која беше можеби најблиска до Тоде, мајстор не само поетски и шаховски, туку мајстор од светски рамки, за препознавање на невидливото во видливото, суптилен ученик кој само на негов познат начин можеше да ни ги покаже нашите скриени моќи и способност да се проверува, способност за магија. Тоде Илиевски беше еден од оние кои активно учествуваше во создавањето на „Креативна верига“, несебично го споделуваше своето искуство, делеше совети, се шегуваше на оној негов благ но, интелегентен начин. Неговото дело заслужува да биде препознаено, славено, пренесено. Денес тој е поттик за се ова да е можно и да трае, додаде Исмајлоска.
Како претставник од Општина Охрид се обрати советничката Ана Крстеска која истакна дека Тоде Илиевски со својата поезија и значајна писателска дејност остави траен печат во македонската литература за деца.
Неговите дела посветени на најмладите ќе останат вечен спомен, со кој се пренесуваат најубави желби и секое дете добива право да сонува и да верува во својата сопствена приказна. Препознавајќи го неговиот клучен придонес во културата и литературата во Охрид, овозможуваме неговото значајно име да продолжи да живее, преку нови песни за деца, создадени од млади поетски имиња. Упатувам искрени честитки до наградените поети на литературниот конкурс за детска песна и им посaкувам многу поголеми успеси во иднина. Децата се неисцрпна инспирција за творење и заслужуваат незаборавно патување во светот на уметноста и магијата на зборот. Оваа можност сакам да ја користам да се заблагодарам и на организаторите на овој настан со надеж дека истиот ќе прерасне во традиција и ќе продолжи да ја чува и збогатува литературата за деца. Нека е вечно сеќавањето на Тоде Илиевски и нека продолжи да опстојува неговиот стремеж за посреќна детска иднина, рече Крстеска.
За ликот и делото на поетот зборуваше Славе Ѓорго Димоски, кој воедно прочита и дел од текстот кој за Илиевски ќе биде објавен во книга која ја подготвува заедно со проф. д-р Димитар Пандев под наслов „Охридските писатели за деца и младинци“.
Поминаа две години од неговото овоземско заминување, но тоа што го остави има трајни вредности. Поетското дело на Тоде Илиевски и за возрасни и деца е симболичен израз и поетска дефиниција на животот која целосно одговара на перцепцијата на различни афинитети и старосните нивоа на читателот. Неговиот поетски говор претставува далечна асоцијација, алузија на цивилизациските вредности, но и необични споредби, духовити, со висока духовна моќ. Она што ни го покажа во стиховите е големо животно искуство и моќ над јазичната употреба. Светот на детството на поезијата со аури на убавина и невиност, слики од првите значајни откритија на детето, протакени со волшебна душевна елеганција е духовна храна со верба во детскиот и младешкиот мит за рајот сокриен во јазлите на зборот и јазикот, додаде Ѓорго Димоски.
Избрани песни за деца од творештвото на Илиевски прочитаа учениците од ООУ „Свети Климент Охридски“.
Првата награда за најдобра песна за деца беше доделена на песната „Песна за една врана ненаспана“ од авторката Сузана Ѓеоргиеска. Второнаградена беше песната „Оглас на Инстагам“ од Јана Силјаноска, а третонаградена беше песната „Сватови зеленчуковци“ од Слаѓана Ставрева.
Најдобрите песни ќе бидат објавени во деветтиот број на електронското списание „(е)Лит“, што го објавува здружението „Креативна верига“.
Во знак на благодарност за поддршката на настанот, од страна на организаторите беше доделена благодарница на градоначалникот Кирил Пецаков.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски