На 15 и 16 септември во Охрид ќе се одржи Балканско првенство во Триатлон. Најава за Балканското првенство ќе биде семинарот за судии на 12 и 13 септември кој ќе се одржи во организација на Европската триатлон федерарација. Триатлонот како спортска дисциплина се состои од три спортови пливање, велосипедизам и трчање, а Охрид како град има идеални услови да биде домаќин на ваков настан.

Триатлон федерација на Македонија (ТФМ) подготовките за Балканското првенство ги започна во јануари оваа година, а остануваат уште финесите во последниве две недели.

  • Подготовките се започнати од јануари и сега се наоѓаме во завршна фаза. Остануваат да се уредат деталите и на наша голема радост Охрид е град домаќин на овој врвен спортски настан на кој очекуваме над 300 гости од 30 европски земји, но еве пристигнаа пријави и од Јужна Африка и од САД, што веројатно Охрид ќе биде домаќин на многу поголем број на спортисти и земји претставнички од цел свет. – изјави Гордана Кузмановска Николовска, генералната секретарка на Триатлон федерацијата на Македонија.

Таа истакна дека Охрид ги има сите предуслови да биде домаќин на ваква манифестација. Триатлонот како спорт е еден од најтешките помеѓу олимписките спортови и бара голема подготовка на физички план. – Охрид има идеални услови за одржување на врвни триатлон натпревари, кога мислам идеални, мислам на глабално ниво. Одлична инфраструктура, асфалт, квалитет на вода во езерото, одлични климатски услови, рамна патека за трчање, блага денивелација на делницата за велосипедизам. Секако, покрај спортистите, ќе има и голем број на странски поддржувачи на настанот, кои доаѓаат да го посетат и најубавиот град во Македонија.

Организаторите очекуваат околу 300 натпреварувачи да се пријават и да го раздвижат Охрид на копно и во вода.

  • Пријавувањето се уште е отворено и ќе трае до 9 септември. Очекуваме предвидениот број од 300 натпреварувачи да биде надминат. Секако дека главната цел не е само одржување на Европски куп и Балканско Триатлон првенство во спринт дистанца. Очекуваме дека Охрид е подготвен спортски град кој сигурно ќе ги надмине очекувањата на учесниците, а тоа ни е мотивот, Охрид да прерасне во меѓународен триатлон центар, каде традиционално би се одржувале врвни натпревари кои ќе се најдат на Европскиот и Светскиот календар. Но сепак, фокусот мора да го задржиме сега на претстојното првенство кое ќе се одржи на 15-16 Септември. – потенцираше Кузмановска Николовска.

Триатлонот кој се одржува на копно и во вода е специфичен спорт и бара организираност без грешка, бидејќи се` се одвива брзо и секоја секунда е значајна за натпреварувачите. Организаторите најголем фокус ќе стават на безбедноста на учесниците.

  • Триатлонот е најкомплексен и најтежок олимписки спорт. Функционирањето во текот на натпреварот бара исполнување на многу регулативи пропишани од Светската Триатлон Унија, а безбедноста на натпреварувачите е на прво место. Екипата кој ќе работи на Балкансиот Триатлон Шампионат сериозно работи на сите сегменти, во моментов се вклучени преку 30 искусни спортски работници од Охрид и од Скопје. Ниту еден настан неможе да успее ако немате добра поврзаност и база со Локалниот организационен Комитет. За наша огромна среќа е што Асоцијацијата Спорт за сите – Сите за спорт  од Охрид и Охрид ТрчаТ се наши партнери во организацијата. Имаат искусни професионалци, со амбиции и цел за врвни успеси. Токму таа формула на здружени сили ветува дека Охрид ќе блеска во спортските настани. Општината Охрид, разбирливо е и очекувано беше да не поддржи, но како никогаш до сега, немавме толкаво разбирање и поддршка со полни едра во сите логистички потреби. Убедена сум, дека, заеднички ќе организираме се повеќе врвни триатлон натпревари во Охрид, поддржани и од Агенција за млади и спорт и од Општина Охрид, Посакувам публиката да не посети на плажата Бафало и да им заблагодариме што ќе имаат трпение за променетиот сообраќаен режим викендот на 15-16 Септември. – заврши генералната секретарка на ТФМ.

Стартот и финишот на првото издание на Балканскиот куп во Триатлон е на плажата Бафало, а организаторите повикуваат за што поголема поддршка на натпреварувачите кои со секое учество ги поместуваат границите во спортот.

OhridNews