Охрид годинава е дел од летната понуда на голем број туристички агенции од Србија. Според она што може да се забележи од понудите кои се објавени на интернет, најчесто се нудат пакет седумдневни аранжмани со хотелско или апартманско сместување.
Дел од српските туристи кои редовно доаѓаат на летувања во Охрид велат дека за разлика од претходните години зголемен е бројот на аранжмани кои се нудат за летување на Охридската ривиера.
-Претходните неколку години туристичките агенции немаа пакет аранжмани за Охрид, но годинава според она што може да се види, голем број агенции имаат организирани пакети за летување на Охридското Езеро како атрактивна понуда. Исто така од она што можам да го забележам е дека има мало намалување и на цените за сместување, вели Дејан Јовановиќ од Прокупље, Србија.
Дел од аранжманите за Охрид српските агенции ги нудат како Хит понуда или Препорачан аранжман. На пример Globus Travel од Ниш нуди седумдневни аранжмани за Охрид по цени од 70 евра па нагоре. Освен оваа агенција, понуди за летување во нашиот најголем туристички центар имаат и нишките агенции „Big Star“ , „Clock Travel“ и „Pan Travel“
Белградската туристичка агенција Оmniturs пак нуди седумдневни аранжмани со апартманско сместување, заедно со вклучен автобуски превоз по цена од 115 до 175 евра по лице, во периодот на јули и август. Слична понуда за Охрид има и агенцијата Kiki Travel којa нуди и хотелски аранжмани по цена од 155 па нагоре, а Охрид како летна дестинација го нудат и белградските агенции Time Travel , Just go travel и Best Travel .
-Охрид најубавото и најпознатото туристичко место во Македонија е отворен музеј и центар на православната духовност. Охридското Езеро е едно од најчистите во Европа, со убави и атрактивни плажи. Охрид е модерен туристички центар, со бројни ресторани и атрактивно сместување. Бројните охридски ресторани, барови, дискотеки, ќе го направат вашиот одмор незаборавен, пишува во дел од понудите на белградските агенции.
Со сличен опис, Охрид како предлог дестинација за претстојното лето, на својата туристичка понуда го имаат и агенциите Dream Tours од Лесковац и Happy Travel од Смедерево.
Охридските туристички работници велат дека тоа што Охрид годинава во голем мера е застапен на српскиот туристички пазар, дава надеж за зголемување на бројот на туристи од Србија..
-Добро е тоа што Охрид се врати на туристичката понуда во Србија и се надеваме дека овогодинешното лето ќе донесе голем број туристи од оваа соседна земја. Ние сме интересна дестинација за србите бидејќи сме релативно блиску и нудиме пристапни цени, велат вработените во охридските туристички агенции.
Тие очекуваат во текот на овогодинешната летна сезона, на Охридското крајбрежје да одмараат и голем број туристи од соседна Бугарија.
Е.М