Животот во Охрид овие денови е во знакот на хуманоста. Граѓанството е мобилизирано и на секакви начини се обидува да помогне да се соберат потребните 200.000 евра за пресадување на коскена срж во специјализирана болница во Германија на 15-годишната Сара Настеска, која боледува од апластична анемија.

Во знакот на хуманоста изминатата среда во кафе и бар „Шила“ се рецитираше поезија, се гледаше фудбал и се пееше. Локални поети, музичари и фудбалски вљубеници донираа време и средства за помош на Сара.

Кон акцијата за собирање средства за помош на Сара се приклучи вилата СараГа. Сите коишто ќе престојуваат во овој сместувачки капацитет од 26 – 28 октомври, ќе придонесат во хуманата мисија, бидејќи вила СараГа средствата остварени од ноќевања овој викенд ќе ги донира за помош на Сара. А цената на трокреветен апартман во СараГа сега чини само 1500 денари.

Хуманитарен хепенинг денеска ќе се одржи во „Куба либре“. Ќе настапат Dj Buce, Dj Crazy Slave, Ѓоко Танески и Петар Маркоски, а ќе се одржи и голема аукција на дресови на ѕвездите од РК Вардар.

Настанот почнува во 21 часот.

 

Исто така вечерва (петок), во клубот „Awake“ во организација на класните заедници од сите средни училишта во градот, ќе се одржи голема хуманитарна среднишколска акција, на која ќе настапи Dj Gec.

Влезот чини 100 денари, а сите собрани средства ќе бидат предадени на семејството на Сара.

Кон хуманитарната акција се приклучува и Такси „Мерцедес“. Прометот остварен денеска компанијата ќе го донира за помош на Сара.

 

Кон акцијата за помош на Сара се приклучуваат и охридските бродари и кајчари. Тие во сабота, 27-ми октомври од 10-14 часот ќе возат по симболична цена од 100 денари, а средствата ќе ги донираат за помош на Сара.

Хуманитарни акции се одржуваат во училиштата, кафатериите, рестораните, установите од областа на културата… Секој помага како знае и колку може. Се донира преку интернет и на мобилните оператори со надеж дека брзо ќе бидат собрани потребните средства и на Сара успешно ќе и биде пресадена потребната коскена срж за да го продолжи детскиот живот.

 

 

OhridNews