Охрид се доближува до максималната граница на изграденост на крајбрежјето утврдена при прогласувањето на неговото културно и природно богатство за светско наследство заштитено од УНЕСКО, предупредуваат експсертите. Според нив во голема мера тоа се должи на недоволна вклученост на стручните лица од објаста на животната средина при урбанистичкото планирање на крајбрежјето.

– Можеби треба да се донесе мораториум за изградбна на крајбрежјето на Охридското Езеро и да се предвиди колкав дел од бреговата линија треба да биде урбанизирана. Имам податоци дека при приемот на Охрид во УНЕСКО е донесен консензус дека 60 проценти од бреговата линија нема да биде урбанизирана. Ние се доближуваме до тој процент, можеби и ќе го надминеме,  40 проценти од должината на брегот да бидaт урбанизирани. –  вели Ѓоко Зороски, експерт по животна средина.

Според најавите, наскоро на охридското крајбрежје ќе се реконструира старото пристаниште каде ќе се гради мала марина со ресторан во центарот на градот, а во Лагадин медитеранска плажа со палми и платформи во вода. Експертите сметаат дека  таквите градби не се својствени за Охридското Езеро и наместо развој на туризмот можат да доведат до негова стагнација.

-Такви медитерански плажи и изградба на големи објекти сепак не се својствени за нашето езеро кое пред се треба да биде сочувано во автентична форма. Голем број од туристите кои доаѓаат во нашиот град запрашани зошто дошле, одговараат дека сакаат да видат нешто автентично и зачувано.
Голем број плажи во Грција, Турција, Шпанија и други монденски места изобилуваат со голема брегова должина, а нашето езеро е ограничен еко систем. Ние сепак треба да го почитуваме она што значи изворност затоа што со тек на време со градење на такви објекти и со постепено урбанизирање ќе се намали бројот на туристи кои сакаат да видат нешто што е поразлично од она што го нудат другите земји кои горе долу имаат монотона понуда во однос на исхрана, угостителски објекти…, ние треба да понудиме нешто што е зачувано и оригинално и со тоа да станеме бренд во Европа.
– додаде Зороски.

УНЕСКО пред две години изврши инспекција на Охрид, по што во значителна мера беше намален бројот на објекти кои ќе се градат на Плаошник во рамки на проектот за возобнување на Свети Климентовиот универзитет. Под лупа на УНЕСКО ќе бидат и туристичките развојни зони во Љубаништа каде контроверзниот индиски бизнисмен Субрата Рој сакаше да гради луксузен комплекс со  хотел на вода.

-Ние се уште тие проекти не сме ги виделе. Центарот за светско наследство очекува дека владата во склад со своите обврски за имплементација на  конвенциите за заштита на светското културно и природно богатство ќе ги достави тие документи и тогаш ќе дадеме мислење за сето тоа. – вели Синиша Шешун од УНЕСКО.

И УНЕСКО и стручните лица од областа на екологијата укажуваат дека урбанизацијата на Охрид во заштитените зони кои се и најатрактивни треба внимателлно да биде планирана, за да не ги наруши визурите на градот и неговата автентичност.

Г. Момироски