На критичните места на охридското крајбрежје се поставени 10 000 вреќи со песок, а во Пештани покрај магистралата во езерото се поставени крупни камења за разбивање на брановите кои треба да го заштитат патот Охрид – Св. Наум од оштетување, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Шабан Салиу.  Тој  заедно со претставници на еден од петте тимови на Координативното тело за превенција од природните непогоди, денеска ги обиколи најкритичните места во охридско-струшкиот регион.


Салиу истакна дека нивото на Охридското Езеро е непроменето и изнесува 693,99 метри надморска височина и дека состојбата е стабилна и под контрола. Екипи на Дирекцијата за заштита и спасување изминатата ноќ работеле на заштита на регионалниот пат Охрид – Св. Наум кај Пештани, како и на патниот правец Струга – Дебар, кај селото Луково.

– Во Луково во тек се градежни работи во должина од 350 метри. Во делот од патот каде се  излеваше Дрим се гради земјен насип висок 5 метри , а во длабочина кон реката се навлегува уште 7 метри со што трајно ќе се реши проблемот со излевањето на вода на коловозот, рече Салиу.



Салиу најави дека во понеделник во соработка со локалната самоуправа ќе отпочнат работи за заштита на колекторскиот систем во Пештани за што се подготвува стручна анализа.


Најзагрозени и натаму се жителите на Пештани каде голем проблем претставуваат надојдените подземни води и извори кои ги препоплнуват септичките јами кои се излеваат низ улиците во селото и навлегуват во домовите. Екипи на јавното комунално претпријатие од Охрид ги празнат септичките јами, кои потоа многу брзо се полнат од подземните води, а жителите се обидуваат со ископување на канали да се заштитат од поплавување.

OhridNews